Пратеникот од Левица Крмов се сретна со хрватската амбасадорка Тигањ

Денес, 11 февруари 2021 година, во Собранието на Република Македонија, пратеникот на Левица, Борислав Крмов, оствари средба со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ.

На оваа средба, пратеникот од Левица, ја запозна амбасадорката со политичките ставови на партијата, а се разговараше и на актуелните теми, како што се, пописот, политиката кон соседите, работата на законодавниот дом и други теми.

Пратеникот Крмов, ги искажа ставовите на партијата по повеќе прашања, а меѓудругото ја информираше амбасадорката дека Левица е најбрзорастечката партија во Македонија, и тоа пред се’,  дека се должи на пристапувањето на младите луѓе и разочараното гласачко тело.

На средбата беше изразено взаемно задоволство од пријателските односи меѓу двете држави, кои немаат отворени прашања и имаат добра соработка.

Во продолжение, Крмов го истакна покритичниот став за реформските процеси, проевропската ориентација и анти – НАТО ставот на Левица. Зборуваше и за Охридскиот и за Преспанскиот договор, како и за скептицизмот за евентуален бугарски договор. Како партија Левица се залага за потврди ставови на Република Македонија, со оглед на тоа што интересите на странскиот фактор, не секогаш се и наши интереси.

Како што објасни, Левица е партија која се обраќа класно, од долу, па нагоре, значи почнувајќи од сиромашните. Во таа насока, се залагаат за крај на националшофинистичката внатрешна политика, грижа за обичниот народ и градење социјален консензус.

Беше разговарано и за меѓуетничките односи, како една од најважните теми во Македонија. Пратеникот Крмов, истакна дека проблемот не е долу кај народот, туку проблемот го креираат албанските политички претставници, кои директно и индиректно му праќаат сигнали и пораки на албанското малцинство во Македонија, да не ја почитува државата, јазикот и државните симболи, а со тоа се одржуваат на власт и профитираат како професионални арбитри на конфликтот, кои сами го генерираат.