Аргентина потпиша договор со НР Кина за приклучување кон иницијативата „Еден појас, еден пат“

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг на Зимските олимписки игри во Пекинг. Според соопштението, двајцата лидери зборувале за „пријателство“ меѓу двете земји, а Аргентина потпишала договор со кој се приклучува на иницијативата „Еден појас, еден пат“, кинески глобален инфраструктурен проект чија цел е економски развој и олеснување на трговијата.

Двете страни се согласија за петгодишен план за земјоделска соработка и ги идентификуваа клучните области за раст и диверзификација на трговијата и инвестициите во овој сектор.

Кина е главен купувач на аргентинската соја и говедско месо. Аргентинскиот претседател Фернандез се бори да ја заживее економијата на Аргентина, чиј основен и главен производ се житарките, додека НР Кина е подготвена да ги сподели можностите за развој со Аргентина, да и помогне да го прошири извозот и да ги надгради своите индустрии.

Владата на Аргентина во соопштението рече дека двете страни ја истакнале важноста на размената на валути меѓу нивните централни банки и се согласиле да продолжат да ја „зајакнуваат соработката“ во овој поглед.

„Оваа стратешка одлука ќе и овозможи на националната влада да потпише различни договори кои гарантираат финансирање на инвестиции и работи за повеќе од 23,7 милијарди долари“, соопшти владата на Аргентина. Меѓудругото Си Џинпинг и Фернандез се согласија да соработуваат и инвестираат во области како што се зелениот и одржлив развој, како и дигиталната економија.

Една од работите кои особено го привлекоа вниманието на светската јавност беше договорот на кинескиот и аргентинскиот претседател каде НР Кина ја потврди својата поддршка за аргентинскиот суверенитет над Малвините (Фолкландските Острови), додека Фернандез ја поддржа политиката на една Кина, која Тајван ја смета за нејзин составен дел.