АктуелноЛокално

Градоначалникот на Чашка со Указ побара да го напуштиме планинарскиот дом Папрадиште

  • Отворено писмо од еколошката организација „Грин пауер“ до македонската јавност, до планинарската заедница, рекреативци и слободоумниот правдољубив свет

Велат дека паметниот се учи на грешките на претходниците, но не е секогаш така.

Постојат и такви што упорно ја повторуваат истата грешка и со затворени очи чекорат во финансиската бездна во која еднаш со судска пресуда длабоко пропаднале.

Најновиот обид (имаше уште еден во 2011 година) на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски еднострано да го раскине договорот со Е.Г.Грин Пауер за одземање на владението со Планинарскиот дом Папрадиште, не е ништо друго, туку реплика на обидот на неговиот претходник, да го узурпира Планинарскиот Дом Чеплес кој заврши со враќање во владение на претходниот сопственик и исплата на оштета, што за оваа сиромашна општина секако претставува огромен терет.

Со Решение потпишано од Градоначалникот на Општина Чашка, се бара во рок од 10 календарски денови да го напуштиме домот што е спротивно на секаков здрав разум и законска легислатива.

ОДЛУКА за Нарушено владение на било каков објект и предвремен раскин на договор ( независно од причините) носи надлежен суд по претходна покрената постапка, а не Градоначалник, со едностран самоволен акт.

Дотогаш останува ГРИН ПАУЕР единствен владетел согласно важечкиот концесиски договор.

Како и да е, меракот е фрлен на планинарскиот дом Папрадиште, мотивиран со апсолутно неоснован правен основ, потег кој на сите им е јасно, правно ќе заврши исто како спорот со Чеплес и П.Д. Солунска глава, на штета на буџетот на општината.

Еколошката Групација Грин Пауер изминатите петнаесеттина години покажа и докажа како домаќински се управува со објектот во кој вложи средства од над 40.000 евра заедно со Министерството за култура и Светската Банка.

Овој објект беше гордост и репрезент на споменатите институции, а до ден денешен е оаза на планинарскиот спорт и рекреативниот туризам за илјадници планинари и рекреативци од Македонија и странство.

Стотици километри волонтерски маркирани планинарски патеки, изграден селски плоштад и фекална канализација на село Папрадиште од сопствени средства, десеттици семинари за живот во планина, десетици манифестации за културно заживување на реонот на Азот и промоција на планинарскиот туризам.

Манифестации за соживот меѓу дечињата од различна националност, рекреации на деца со посебни потреби…. Планинарскиот дом Папрадиште беше и останува Караула на планинарскиот туризам кој го посетуваат стотици планинари од три континенти…за денес алчноста да дојде по своето и да се обиде да се уништи последната планинарска оаза во централна Македонија.

И покрај декларативните заложби на поранешниот “Галеб” дека политика не го интересира и дека тој доаѓа од невладиниот сектор, за жал најновата одлука на градоначалникот на Чашка, многу мириса на политички дим кој треба да го обвие последното неосквернсвено, чисто и изворно планинско гнездо на вистинските вљубеници на природата.

Не постои друго разумно образложение за овој ненадеен напад врз Грин Пауер кој како ниту едно друго граѓанско здружение редовно си ги сервисира своите обврски, а со организирање на планинарски тури генерира приходи од туризмот во општината.

Во последните неколку години изгради и успешни деловни односи со Општината плакајќи ги уредно сите давачки.
Како и да е, тргнуваме по патот од кој нема враќање, во борба за докажување на бесмисленоста на последната одлука на градоначалникот на Чашка, бесправно да го окупира објектот на Планинарскиот дом во Папрадиште без НИКАКВА ПРАВНА ОСНОВА.

Оттука, го повикуваме да ја преиспита својата штетна одлука, која бездруго ќе заврши со сериозни импликации врз буџетот на општината.

Е.Г. Грин Пауер се мобилизира и со сите свои сили и средства ќе го брани договорот чија важност истекува по две години од сега.

Со презир го отфрламе непристојниот предлог и одлучуваме да се бориме ПРОТИВ СИЛАТА И НЕПРАВДАТА со сите законски средства кои ни се на располагање.

Правото на протести , блокади и парализа на патни правци е нашето загарантирано право на израз на незадоволство. На овие форми на протест ќе ги повикаме и сите слободоумни граѓани во земјата, а од понеделник ќе пристапиме и со сензибилизирање и информирање на Дипломатскиот Кор за политичката алчност и формите на притисок кон
граѓанскиот сектор.

Правдата е нашиот единствен идеал и начин на борба. За правдата ќе се бориме до последно и со правдата ќе победиме!

Ваши, Еколошка Групација Грин Пауер
Претседател : Игор Смилев
Велес, Република Македонија