Нашето дело е праведно, непријателот ќе биде поразен, победата ќе биде наша! – Молотов, 22.06.1941 година

По повод денот кога нацистичка Германија, под кодно име на операцијата „Барбароса“, на 22.06.1941, без најава за војна, брутално изврши агресија врз Советскиот Сојуз, со што започнува најкрвавата фаза во Втората светска војна, Левичарскиот Институт-Рацин, го објави говорот на тогашниот Министер за надворшени работи на советската влада, Вјачеслав Михајлович Молотов, кој преку раидо обраќање токму истиот ден, добива задача да ја извести советската јавност за агресијата на нацистичка Германија врз нивната земја.

Вјачеслав Михајлович Молотов (09.03.1890 - 08.11.1986)
Вјачеслав Михајлович Молотов (09.03.1890 – 08.11.1986)

Подолу ви го пренесуваме целото радио обраќање на македонски јазик:

Граѓани на Советскиот Сојуз.

Советската влада и нејзиниот шеф, другарот Сталин, ми наложија да го објавам следново:

Денес, во 4 часот наутро, германските трупи влегоа во нашата земја, без да достават било какви барања до Советскиот Сојуз и без објава на војна. Тие ги нападнаа нашите граници на многу места и нашите градови – Житомир, Киев, Севастопол, Каунас и некои други – ги подложија на воздушни бомбардирања за време на кои загинаа и беа ранети повеќе од 200 луѓе. Непријателски воздушни напади и артилериски баражи се извршени и на романска и финска територија.

Овој напад е извршен скришум, кукавички и истиот е предавнички чин на кој му нема рамен во историјата на цивилизираните народи. Нападот врз нашата земја беше започнат и покрај фактот што беше потпишан договор за ненапаѓање меѓу СССР и Германија и дека Советскиот Сојуз во целост и со чесност ги почитуваше сите услови од овој договор. Агресијата врз нашата земја беше започната и покрај тоа што во текот на целиот период од кога е на сила на овој договор, германската влада ниту еднаш не можеше да го оспори нашето почитување на истиот. Сета одговорност за оваа агресија врз Советскиот Сојуз лежи целосно во рацете на фашистичката германска влада.

Дури по нападот, во 5:30 наутро, германскиот амбасадор во Москва, Фон дер Шуленбург, како Народен комесар за надворешни работи во име на неговата влада, ме информираше за тоа дека германската влада одлучила да војува против СССР поради концентрацијата на единиците на Црвената армија во близина на германската источна граница.

Жители на Москва го слушаат радио обраќањето на Молотов, 22.06.1941 година.

Како одговор на сето ова, во име на советската влада, го информирав дека германската влада до последен момент не доставила ниту едно барање до советската влада и дека германската влада го започнала нападот врз Советскиот Сојуз и покрај мирољубивиот однос на Советскиот Сојуз, факт што фашистичка Германија ја прави страната агресор.

По наредба на владата на Советскиот Сојуз, морам да наведам и дека нашите војници и авиони никаде не ја прекршиле границата, како и најавата за тоа дека советските авиони наводно пукале врз романските аеродроми, што утринава беше пренесена на романското радио, е чиста лага и провокација. Исто како што е слична лагата и провокација денешната изјава на Хитлер во која тој се обидел да измисли инкриминирачки докази за непочитување на советско-германскиот договор од страна на Советскиот Сојуз во минатото.

Сега кога веќе е започната агресијата врз Советскиот Сојуз, советската влада им нареди на нашите трупи да го одбијат нападот и да ги набркаат германските сили од територијата на нашата татковина. Оваа војна не ни ја наметна германското население, ниту германските работници, земјоделци или интелигенцијата, чии страдања многу добро ги разбираме, туку војната ја наметна клика крвожедни, фашистички германски владетели кои ги потиснаа и поробија Французите, Чесите, Полјаците, Србите, Норвежаните, Белгијците, Данците, Холанѓаните, Грците и други народи.

Владата на Советскиот Сојуз е непоколебливо убедена дека нашата храбра армија и морнарица како и галантните соколи на советските воздухопловни сили ќе ја извршат својата должност кон својата татковина и чесно служејќи на советскиот народ ќе му зададат разорен удар на агресорот.

Не е првпат нашиот народ да се соочи со арогантен агресор. За време на офанзивата кон Русија на Наполеон, нашиот народ реагираше преку Татковинската војна; Наполеон претрпе пораз и падна. Тоа ќе му се случи и на арогантниот Хитлер кој започна нова агресија против нашата земја. Црвената армија и нашето население уште еднаш ќе водат триумфална Татковинска војна за нашата татковина, за чест и за слобода.

Владата на Советскиот Сојуз е цврсто убедена дека целото население на нашата нација, сите работници, земјоделци и интелигенција, мажи и жени, ќе ги исполнат своите обврски и ќе се посветат на својата работа со потребното убедување и верба. Целото наше население сега мора да биде цврсто и обединето како никогаш досега. Секој од нас мора да бара дисциплина, ред и саможртва од себе и од другите, достоен за вистински советски патриот, за да ги задоволи сите потреби на Црвената армија, морнарицата и воздухопловните сили со цел да се загарантира победата над непријателот.

Владата ве повикува, жители на Советскиот Сојуз, да ги збиете редовите околу нашата победоносна Болшевистичка партија, околу нашата Советска влада и околу нашиот лидер, другарот Сталин.

НАШЕТО ДЕЛО Е ПРАВЕДНО, НЕПРИЈАТЕЛОТ ЌЕ БИДЕ ПОРАЗЕН, ПОБЕДАТА ЌЕ БИДЕ НАША!

Извор: Фејсбук пост на Левичарскиот институт – Рацин