(Видео) Симонов: За Македонија преговорите со ЕУ се затворен лавиринт во кружна форма

Координаторот на Левица – Сектор надворешна политика, Александар Симонов гостуваше во утринската емисија на Радио Лидер. Тој зборуваше за францускиот предлог за преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија, но и за изменетата методологија на преговарање која претходно беше предложена од страна на Франција. На оваа тема тој истакна ЕУ го усложнува процесот на интеграција, до толку што тој станува невозможна мисија. Во прилог транскрипт од неговото излагање по ова прашање.

„Ставот на Левица е прекин на преговорите со Бугарија! Уште тогаш бевме против тој договор за кој предупредувавме дека е штетен. И сега ако истиот стане дел од преговарачката рамка, преговорите за Македонија кои досега беа лавиринт, ќе станат затворен лавиринт во некоја кружна форма!

Ова го говорам од две причини и во двете причини Франција ја има клучната улога.

1. Доколку овој договор кој нема јасни определби и е полн фоскули го внесеме во преговарачката рамка ќе овозможиме на бугарската страна слободно да го толкуваат истиот одново и одново, со што се овозможува Бугарија да поставува нови барања што ни го создаваат лавиринтот.

2. Во кружна форма лавиринтот го прави француската методологија која беше донесена претходно. До сега можевме да добиваме неограничен број пати на вето по 37 поглавја. Тогаш, ако го затвориме едното поглавје ние не можеме повторно да добиеме вето за истото.

Со новата методологија ќе го затвориме поглавјето, ќе помине време, ‘ај повторно ќе го отвориме поглавјето – не сме задоволни од нешто’ и повторно по истото поглавје Бугарите ќе можат неограничен број на пати да го искористат правото на вето.“