(Видео) Костов: Левица е единствена партија која има пораст на гласови
Во вчерашната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија се одржа дебата во која се дискутираше за најактуелните политички случувања. Еден од моментите во дебатата кои привлекоа особено внимание на публиката беа ставовите на политикологот Сотир Костов искажани за Политичката партија Левица.
Костов констатираше дека Левица е единствена македонска политичка партија која во последната декада бележи раст на политичката сцена.
„Единствена партија која наназад осум години има пораст на гласови на парламентарни и на локални избори е само Левица.“
Од страна на политикологот, беше истакната неговото видување за потребата на македонската политичка сцена да се појави партија кој ќе биде достоен противник на владејачката елита и ќе има капацитет да постигне коалиција за формирање на Влада во која нема да биде ДУИ.
„Не сум фан на Левица но предолго чекам партнер на десницата (ВМРО-ДПМНЕ) во македонскиот кампус или на левицата зошто не (СДСМ), македонска партија која достојно ќе коалицира за Македонија да не биде уценувана од албанскиот кампус.“
На крајот од излагањето Костов го акцентираше моментот дека сите македонски политички партии се во криза и бележат надолен пад, освен Левица, потцртувајки дека токму тоа е причината зошто оваа политичка партија најмногу е напаѓана во јавниот дискурс.
„Партиите политички во Македонија се во криза, тие имаат надолен пад на гласачко тело и на ефективни политики. Само Левица го нема тоа, затоа е најнапаѓаната партија. Таа се уште не е голема, најголема, ама се повеќе и повеќе станува релевантен фактор на македонската политичка сцена.“