Израел се суди за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата

  • Соопштение на Левица – Сектор Надворешна политика

Поради повеќемесечните sверски напади и терор над цивилното палестинско население во Појасот Газа, по иницијатива на Јужна Африка, покрената е постапка пред Меѓународниот суд на правдата во која се бара судот итно да дејствува „за да го заштити палестинскиот народ од понатамошна, сериозна и непоправлива штета според Конвенцијата за ГЕНОЦИД, која продолжува неказнето да се прекршува“.

Според официјалните податоци, само од октомври до денес, во израелските напади се загинати повеќе од 23.000 Палестинци во Газа, од кои 70% се жени и деца. Дополнително, 1,9 милиони луѓе се раселени поради војната во Газа, што е речиси 85% од населението, додека десетици илјади згради се уништени. Ваквите грозоморни злосторства поддржани од колективниот запад доаѓаат по повеќедецениската окупација и терор врз палестинското население, кое е жртва на непрекинато етничко чистење, масовен егзодус, државен терор, систематско протерување и геноцид во последните 75 години!

Освен Конвенцијата за геноцид, Израел се терети и дека со своите дејствија континуирано ги прекршува најважните и основни инструменти на меѓународното право и поредок – Повелбата на Обединетите Нации (1945), Универзалната декларација за човековите права (1948), Женевска Конвенција (1949), како и бројни резолуции на Советот на безбедност на ОН кои повикуваат Израел да престане со „флагрантно кршење на меѓународното право“. Овие прекршувања и злосторства се потврдени од сите релевантни комитети и совети на Обединетите Нации и меѓународни организации за човекови права.

За потсетување, во месец ноември 2023 година, пратениците на #Левица во Собранието на Република Македонија – проф. д-р Димитар Апасиев и Борислав Крмов, поднесоа Предлог-Декларација за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација, во која се предлага Република Македонија да го изрази својот политички став за неприфатливите, нечовечки и страотни сцени на масакри и колективна траума кои секојдневно доаѓаат од разурнатата Газа, осудувајќи ја илегалната израелска окупација на палестинските територии.

Но, претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери, изразувајќи солидарност со неговите колеги-воени злосторници од Израел, одбива оваа Декларација да ја стави на гласање на пленарна седница со месеци. Ова е особено штетно по нашите националните интереси имајќи ја во предвид историската и моралната обврска на современата македонска Република да се заложи за заштита и почитување на основните човекови права на Палестинците, кои имаат мошне слична трагична судбина со Македонците од Егејска Македонија во минатиот век.

Поданичкиот однос на Владата предводена од СДСМ и ДУИ кон колективниот запад и слепата поддршка на израелскиот геноциден режим ја нарушува меѓународната позиција на Македонија. Оттука, Левица повикува и се залага за итна промена во курсот на водење на меѓународната политика со цел насочување на истата кон националните македонски интереси на градење односи на соработка со сите големи светски сили, успешно позиционирање во новиот мултиполарен свет и залагање за универзално почитување на меѓународното право.

May be an image of 6 people, people studying and text