(Видео) Мециновиќ: Левица е грасрут партија, крик на демократскиот порив во Македонија

Во дебатната емисија на Канал 5 телевизија Само вистина, вчера гостуваше Амар Мециновиќ, Портпаролот на Политичката партија Левица, кој воедно е и советник во Град Скопје. Во текот на емисијата Портпаролот на Левица изнесе до јавноста дел од ставовите на партијата по однос на актуелните случувања.

На едно од прашањата кои најмногу ја интересираат македонската јавност, дали Левица ќе стапи во коалиција со некоја од владејачките политички партии Мециновиќ одговори:

„Ние во било која идна влада, или што и да е, кога би влегувале, на нас пред се, ни се најбитни нашите платформски начела. Ние сме идеолошки издиференцирана партија и секое вклучување во било какви коалиции ни почива на нашите проценки дали можеме да ја пробуткаме таа платформа на корист на граѓаните.“

Во текот на дискусијата Портпаролот на партијата гласно ја критикуваше политиката на двете најголеми политички партии во државата. Според него, СДСМ кој нема никакви вредностни политики, покажа апсолутно економско неумеење и погубна надворешна политика, но потенцираше дека погубните политики немаше да бидат спроведени доколку ВМРО-ДПМНЕ не беше пасивно-кооперативна.

„Затоа сакам да потенцирам, кај Левица се појавува еден феномен, затоа што обично десните партии располагаат со политика на вредности, левите партии располагаат со економски политики. Кога во случај СДСМ нема никакви економски политики, а посебно кога знаеме дека бега од вредносните политики, со нивниот нели „СДС на нашата земја“ и со сите тие работи, а ВМРО тоа им го обезбедува. Би сакал да потсетам дека кога се менуваше името имаше поддршка од пратениците на листата.“

Во прилог на оваа аргументација Мециновиќ потсети на тоа каква улога одигра ВМРО-ДПМНЕ во процесот кога се менуваше уставното име на државата, и додаде дека секогаш кога во прашање се доведени националните интереси, Левица останува единствената партија која го застапува народот.

„Значи ВМРО не излезе во заштита на македонскиот идентитет, Левица тоа го направи затоа што на Левица и остана политичка одговорност кон македонската Држава и македонската државотворност и ние сме горди на тие наши одлуки кои допринесоа да вредносниот корпус на политики ние исто така го преземаме кај нас затоа и во наше отсуство граѓаните ќе останат без било какви политики со СДСМ и со ВМРО.“

Според Мециновиќ, владејачките партии во Македонија се движат по готов политички модел наметнат од странство, додека Левица останува единственото автохтоно македонско политичко движење и тој токму тоа го гледа како причина за континуираниот раст на Партијата.

„Баш затоа ќе направам една целина со локалните избори, дека СДСМ и ВМРО функционираат во готови модели кои доаѓаат од странство и тие готови модели веќе многу долго време ги користат на локално ниво од 96-та од првите избори, тие имаат разработено стратегија и тактика, Левица е граструт, Левица е првата, Левица е крик на демократскиот порив во Македонија, затоа што се случува како резултат на години на развој на општествени групации и здруженија на граѓани, до политичка партија.“