Мојсоска: Три години Никогаш Северна

Статус на Јована Мојсоска, член на Президиум на Левица


„На точно три години од потпишувањето на Преспанскиот договор, граѓаните живеат полошо (според сите анкети), воздухот е уште позагаден, дивоградби интензивно никнуваат на секој чекор, на езерата им се заканува еколошка катастрофа и исчезнување, животниот стандард е влошен, додека цените на основните прехрамбени продукти вртоглаво растат.

Ова е само еден пример за “бетонираниот” идентитет, објавен на официјалната страница на УЕФА (“Северна” Македонија vs Северна Ирска). Баш на дебата пред некоја недела, министерката Мила Царовска уверуваше дека на ниту еден официјален сајт не фигурира “северномакедонец”. Чудно, министерка која толку самоуверено презентира дека е запознаена со сите образовни системи ширум светот, очигледно не е запознаена како светските институции го ословуваат нејзиниот национален идентитет.

И после три години од потпишувањето на ваквиот срамен договор, без никаков легитимитет од мнозинството, не постои народен собир каде не се скандира ,,Никогаш Северна”. Па, како земја со толку сончеви денови, чие обележје низ времиња е сонцето, би можела да алудира на нешто студено и темно? Отпорот против Преспанскиот договор од скандирање мора да премине на организирање и институционализирање, за да постигне реален ефект – исто како што се организираа неговите перјаници и пропагатори.

А, млитавите папагали кои убедуваат дека нема правен основ за негово укинување и истиот е небаре вкалемен во камен, не научиле ништо од историјата и нејзините природни циклични текови на исчезнување на стариот свет пред неминовното ‘ртење на новите, прогресивни сили на новото општество.

ПС За разлика од понижувањето пред три години, денес фудбалерите ќе имаат шанса повторно да го направат горд еден мал народ, кој одби на референдум да се самоукине пред напливот на западната демократија.”