„Атлантски интеграции“ – говор на Никола Крстевски на XXII Ораторска вечер „Иво Пухан“

В тиквешко негде, в некое село
Кај слана тивко венееше цвете – убија дете.

Нашата борба за слобода и национална афирмација е проткаена со маки и страдања. Нашата идеа за сопствена Република е резултат на стремеж кон, пред се, економско а потоа и политичко ослободување. Резултат на угнетувањa, неправди и злосторства. Затоа нашата држава ја градевме врз принципот на самоопределување на народите и почитување на човековите права. Одејќи по најпрогресивниот пат: Со првата република на Балканот и антифашистичка НОБ.

Поаѓајќи од фактот, дека нашата самобитност се изроди во екот на големата интернационална и солидарна борба во антифашистичката коалиција, како мал и скромен народ рамо до рамо со останатите рамноправни народи учествувавме во изградба на глобалниот форум за соработка помеѓу државите. Од рушевините на Втората светска војна ги поставиме темелите на Обединетите Нации. Кога светот се подели на два блока, одмерувајќи ги силите со закана за нови војни и масовно уништување, ние бевме неутрални во братството на неврзаните. Бидејќи нам не ни причили да бидеме со силните, туку со обесправените и угнетените. Бидејќи нашата историја многу добро не научила што значи да бидеш угнететен, обесправен и потчинет. Во таа насока, НАТО како реликт од студената војна и блоковската поделба е приказна во која ние дефинитивно не припаѓаме. Агендата на НАТО не е, и не може да биде агенда на Р.Македонија или на било која мирољубива и антимилитантна држава. Суштината на НАТО алијансата е надмината со пропаста на Варшавскиот пакт и не гледам повеќе причина за нејзино постоење. Меѓународна соработка ДА! Заедничка борба за демократијата ДА! Заедничка борба за сочувување на мирот, борба против социјалната беда, сиромаштијата, гладта, борба за животната средина ДА! Меѓутоа преку современа дипломатска соработка и програмите на Обединетите Нации. Не преку милитантно здружување и воени интервениции, спротивни на Повелбата на ОН и забраната за агресија. Интеграцијата во НАТО имплицира и милитаризација на Буџетот. Во последните две години, трошоците за НАТО интеграција се зголемени за неверојатни 956%?! Од 151 милиони денари на 1,4 милијарди!! Ако ставката за одбрана во Буџетот изнесуваше 0,98% во 2017г, според НАТО стандардите таа ќе треба да се покачи на цели 2%. Во ситуција кога нема топла вода и грење во студентските домови, клупите во амфитеатрите се искршени, Факултетот за информатичка технологија и компјутерско инжинерство нема своја зграда, во ситуација кога сме приморани да користиме застарена литература бидејќи нема пари за современа, во ситуација кога јавното здравство е руинирано, апаратурата не функционира, хигиената во здравствените установи е на катастрофално ниво, прашање е колку е рационално, толкави средства, да се вложуваат во одбрана. Околу инвестициите и просперитетот кој го нуди НАТО: Република Албанија е членка на НАТО од 2009г. 70% од младите сакаат да се отселат од државата во 2018г. според Меѓународна Организација на Трудот. Република Бугарија е членка на НАТО од 2004г. во 2013 година имаше масовни демонстрации против сиромаштија на кои луѓе се самозапалуваа. И конечно, Преспанскиот договор како средство за постигнување на стратешката цел – членство во НАТО. Таканаречената “спогодба” која во својата суштина не е спогодба, бидејќи не ги застапува ниту волјите, ниту интересот на македонските и грчките граѓани. Октроиран и наметнат документ од кој треба да се срами целокупната меѓународна заедница а посебно Обединетите Нации. Бидејќи овој документ, го крши основното право на самоопределување и самоименување на народите, го урива човековото достоинство и го урива принципот на суверена еднаквост на државите. Ако нашите институции го прифатат овој документ, самите ќе си го одземеме достоинството. Дали со погазено основно човеково достоинство треба да влеземе во “алијансата на најсилните држави во светот”, и колку нашиот глас таму ќе се слуша?

Можеби моите позиции ви звучат „непрагматично” со оглед на меѓународната констелација. Но немојте да очекувате прагматичност во говорот на еден студент. Во студентските говори секогаш ќе се слуша крикот кој бескомпромисно бара правда, правда во глобални рамки. Бидејќи студентот, иако нетипично пасивен сепак е тоа што е: вечен протагонист на идеите за поправично општество и поубав свет. Бидете реални, барајте го невозможното! Подобар свет е можен, и подобар свет е нужен!