Правото да се живее во мир: интернационален анти-империјализам
Виџај Прашад е индиски историчар, новинар и Марксист. Тој е извршен директор на Институтот Триконтинетал. Пренесуваме превод на неговиот текст од 4 март 2021 во кој зборува за Виктор Хара, антиимперијализмот и интернационалната солидарност некогаш и денес.
Театарскиот режисер, музичар, текстописец и комунист, Виктор Хара, беше уапсен после државниот удар кон социјалистичката Влада на Салвадор Аленде. Беше измачуван, а потоа убиен. Закопан беше заедно со другите жртви на воената диктатура на генералот Аугусто Пиноче. На неговиот гроб со обична боја се испишани зборовите el derecho de vivir en paz („правото да се живее во мир“). Тоа е и насловот на неговата песна од 1971, која е омаж на Хара за виетнамскиот народ предводен од Хо Ши Мин во борбата против американскиот империјализам. Песната е едноставна, започнува со стих за достоинството, за правото да се живее во мир. Хара пее за Хо Ши Мин, поетот, кој од Виетнам се бореше за целото човештво.
Народот на Виетнам прогласи независност во 1945 кога Хара имал 13 години. Пред да започат со изградбата на социјализам, им беше наметната војна, најпрвин од страна на Франција, а потоа и од САД. САД го искористија целиот нивен воен арсенал против виетнамскиот народ, кој се бореше со огромна храброст и одлучност за ослободување на својата земја.
На револуционерите ширум светот им беше јасно дека поразот на виетнаскиот народ ќе ги уназади борбите за национално ослободување ширум светот, а на САД и нивните сојузници ќе им ја даде самодовербата за да ги разбијат и другите национал-ослободителителелни движења. Исто така, на револуционерите им беше дека секој еден кој е посветен на деколонизација и слобода мора да се посвети на „создавањето на два, три или многи Виетнами“, како што Че Гевара напиша во неговата порака до Триконтиненталниот собир во 1966. Че Гевара беше убиен во 1967 на 39 години; Виктор Хара имаше 40 години кога беше убиен.
До 1971 година, Виетнамците го контролираат северот на земјата и покрај безмилосното воздушно бомбардирање и употребата на хемиско оружје од страна на американските агресори. Се пробиваа и кон југот. Хo Ши Мин почина во 1969 година, непоколеблив до крај. Песната на Хара е одраз на почит кон него и кон виетнамските борци; ја покажува потребата од интернационален став и борба за слободата која го декларира правото да се биде оставен на мир и да се живее во мир.
Таквите песни никогаш не исчезнуваат. Бидејќи во нив е врежана надеж, инспирацијата за борба и исчекувањето на новиот свет.
На Плоштадот на достоинството (Plaza de la Dignidad) во Сантиаго, сликите и стиховите на Хара се исцртани по ѕидовите од различни политички групи и муралисти кои гледаат директна врска помеѓу нивното радикално минато и остатоците на диктатурата. Секој петок, голема група на луѓе се собира тука, за да демонстрира против владата на Себастиан Пињеа кој дојде на власт во 2018. Не протестираат само против него, туку и против сите неолиберални влади од 1973. Пињеа, конзервативец кој одби да ја го гони Пиноче, стои позади политиките на штедење кои испровоцираа масовни протести, најпрвин помеѓу учениците, а потоа се проширија помеѓу народот. Владата одговори со груба репресија, како и незаконски притвори и полициско насилство од сите видови (вклучително и сексуално насилство). И покрај судската одлука од 2018 која осуди 8 пензионирани офицери на 15 години затвор за убиството на Хара, вистинската правда за него живее само преку оние за кои се уште е жив повикот на Хара. Во 2019, песната на Хара се врати како химната на новото движење.
Што значи тоа што песната на Хара се враќа како химна во нашето време, нејзиниот повик за правото да се живее во мир со слоеви на значење собрани низ генерациите? Ова е песна напишана од Чилеанец за виетнанската револуција, со свесност дека и борбата во Виетнам како и песната се интернационални. Протестите во Чиле не се изолирани само на нивниот контекст, ниту пак се ограничени на Пињера и неговата Влада, ниту на чилеанската олигархија. Кражбите од страна на елитите кои го кријат нивното украдено богатство во нелегални даночни раеви, се причината за страдање на народи ширум светот. Тие насекаде го игнорираат долгорочното страдање на работниците кои се борат да преживеат, дури и кога пандемијата го продлабочува нивната веќе опасна борба за егзистенција.
На 28 февруари, милиони се собраа под црвените знамиња на протестот во Калкута со кој започна изборната кампања на Комунистичката партија во Западен Бенгал. „Си ги бараме правата“, пред толпите извикуваше комунистичкиот лидер Мохамед Салим, си го бараме правото да живееме во мир. Недалеку од местото каде што зборуваше Салим е американскиот конзулат, кој се наоѓа на улицата „Хо Ши Мин Саран“, која името го доби за време на американската војна во Виетнам како знак на солидарност на Индија.
Денес, кај левицата не постои истата јаснотија за природата на нашата борба и потребата за интернационална солидарност. Американскиот империјализам продолжува со неговите жестоки напади против Куба и Венецуела, додека американскиот Претседател Џо Бајден го продолжува американскиот империјализам последно преку бомбардирањето на Сирија. Наместо јасна одбрана на правото на народите да ги исцртуваат сопствените патишта, сега се водат хибридни војни кои угушуваат и негираат цели народи.
За Марсело Кулон од легендарната група Инди-Илимани, кој ја пееше песната на Хара пред еден од најголемите демонстрации во Сантигаго песната има огромна моќ: „Кога пеам за Хо Ши Мин се враќам во времињата кога бевме поврзани, во солидарен свет и во антиимперијалистичката борба. Ова за мене ја покажува ужасната штета на неолиберализмот, кој ги претвори луѓето во длабоко индивидуализирани суштества кои не мислат подалеку од сопствениот нос, подалеку од сопствените интереси. На протестите, луѓето ја пеат песната не само за правото да живеат во мир, туку за да живеат и достоинствено и солидарно.“
Судирот помеѓу индиските земјоделци и Владата на Моди влегува во четвртиот месец. Приватизациите, кронизмот и репресиите на луѓе како Моди, Пињера (и Заев) произлегуваат од нивната верност и сојузништво со корпоративните интереси. Земјоделците и сточарите во Индија го доживуваат истото измачување како луѓето во Венецуела, Куба (и Македонија). Покрај празните либералните фрази за човековите права, тие остануваат посветени на интересите на малкумина за сметка на животите на големото мнозинство. Потребата од „две, три или повеќе Венецуели“ или „две, три или повеќе земјоделски протести“ никогаш не била појасна, а потребата од солидарност никогаш не била понеопходна.
Правото да се живее во мир не е незначајна фраза; таа е предизвик на систем кој е воден од луѓе како Бајден, Моди, Пињера, (Заев) и многу други ширум светот. Таа е повик за основно право кое провоцира војни бидејќи ја загрозува способноста на малкумина да го присвојуваат народното богатство!