Рашковски и Заев – олицетворенија на корупција и криминал

Скоро невозможно е да се следат сите криминали на Владата на Заев, кои секојдневно потврдуваат дека државниот апарат е во рацете на една антинародна банда, која не пропушта можност и канал за крадење. Скандалот со вакцините, кој го покажа обидот на ненаситните Заев и Филипче да профитираат и од набавката на вакцините, е сам по себе доволен за да падне Владата, а нејзините функционери да бидат судени за злосторства против македонскиот народ. Но, бандата на Заев е до тој степен разуздана што вакви скандали се само еден мал дел од широкиот спектар на афери кои допрва ќе испливуваат во јавноста. 

Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар на Владата, со државни пари купил од самиот себе софтвер за казни за сообраќајни прекршоци, кој ниту биле нарачан ниту имаат намера да го користат службите на МВР.  Заев, со за него препознатливата леснотија за лажење,  побрза да застане во одбрана на неговиот соработник, тврдејќи дека наскоро ќе бидат објавени документи за зделката: „Со документи ќе ви покажеме зошто е набавен софтвен кој може да се употребува во МВР“.

И покрај такви тврдења, документи не беа објавени во владиното соопштение кое беше објавено доцна во средата. Во соопштението не се спомнува никаква нарачка на системот од страна на МВР, туку се замачкуваат очи со споменување на некакви технички тестови на софтверот. Ваквото ефтино избегнување на суштината на проблемот и раширеноста на корупцијата само ја потврдува корумпираноста на целиот владин естаблишмент. 

Меѓутоа, не е скандалот само со софтверот за кој Рашковски искеширал 90 илјади евра. Уште поголем скандал е фирмата „Инвока“ која исто така се поврзува со  Рашковски, а на која Владата (односно самиот Рашковски) во изминатите 3 години си исплатила речиси 400 илјади евра. Според податоците на Централниот регистар, „Инвока“ била регистрирана само 2 недели после изгласувањето на тогашната Влада на чело на Заев во 2017 година.