Кронизам во практицирањето на власта – или како спорот помеѓу државата и Макпетрол стана договор помеѓу двајца тајкуни

Реџеп Исмаил (Хактан)
Президиум на Левица

Најкраткото објаснување за тоа што е кронизам е дека тој претставува практикување на власта само и единствено заради власт! Имено, кронизмот имплицира купопродажба на услуги помеѓу власта и големо-капиталистичките сопственици, и тоа најчесто, како на пример, гласови на пратеници во законодавниот дом. Терминот за оваа појава доаѓа од грчкиот збор „кронис“ што пред се значи „долгорочно“. Следствено, по однос на владиниот Предлог – закон за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол, токму таков е интересот помеѓу двата транзициски сопственици: од една страна Зоран Заев како претседател на владата и од друга, сопственикот на Макпетрол, како еден од медиумски тајкуни во државава. Подолу, преку изложување на сите можни аспекти околу овој случај, ќе може да видите како владеењето на СДСМ на чело со Зоран Заев, претставува класика во практицирањето на власта преку кронизам.


Државата на Републка Македонија, односно во нејзино име Владата како извршна власт, веќе цели 15 години води спор со приватната нафтена компанија „Макпетрол“. Спорот се води по однос на сопственоста над компанијата за пренос на природен гас „Га-Ма“. Двете страни со години спореа за тоа кој колку вложил во гасоводот, и аналогно на тоа, колкав процент му припаѓа на Макпетрол, а колку на државата. И двете страни повеќе пати тврдеа дека поседуваат над 51% од акциите. Но, пред само неколку месеци, компанијата побара вонсудско решавање на овој спор, а предлог-спогодбата државата, односно Владата предводена од СДСМ, ја имаше доставено до Државното правобранителство. Оваа институција, знаеќи дека ваквата спогодба е незаконска и неуставна зделка која владата на Заев сака да ја оствари, истата не ја одобрила. Имено, според дописите оттаму, спогодбата е проценета како штетна по имотните интереси на Република Македонија, и истата порано или покасно на еден или на друг суд ќе падне, и за тоа ќе треба некој да сноси одговорност. 


После неколку неуспешни обиди, и притисоци, кои преку своите службеници Владата ги вршела кон Правобранителот, премиерот Заев, знаејќи дека ваквото решение е незаконско и со огромна материјална штета по буџетот на Македонија, решава одговорноста да ја префрли на Собранието. Па така, спогодбата ја вметнува во предлог-закон кој го предлага до Собранието, со што практично, ваквиот чин, премиерот, сакајќи да го продаде како „заедничка добивка за сите“, просто, преку законодавниот дом сака да го озакони и со тоа да отуѓи огромна сума државни пари, како и ресурси во приватни раце и тоа за многу евтина цена.



Ваквиот предлог-закон на Владата е спротивен на Уставот на Република Македонија. Тој, како таков претставува преседан во историјата на државата, односно со носење на еден ваков закон, Собранието се става во улога на судска власт, што е недозволиво според нашиот Устав. Дотолку повеќе што овој спор претходно се водел 15 години токму во институциите на судската власт. Според тоа, не може да се решава судски спор со закон! Имено, и во рамките на постоечкиот правен поредок – без да има потреба од нов закон како предложениов – премиерот или минсистерот има право да потпише спогодба со „Макпетрол“. Но, членовите на Владата знаејки дека ваквата постапка ќе повлече одговорност и ќе падне на товар на оној кој дал согласност, кој ја потпишал спогодбата, затоа тие, преку предлагање на закон таа одговорност ја префрлаат на Собранието, за да, понатаму кога ке го изгубат владеачкото мнозинство, да не можат да бидат гонети за оваа штета која сакаат да ја направат по државниот буџет и граѓаните. Просто, предложениот закон е озаконување на правно сомнителната спогодба која двајцата ја договориле; еден од позиција на власт, друг од позиција на бизнис-заедницата. 

Понатаму, предлог-законот, како што тоа го забележува и народниот правобранител, е закон кој е штетен и спротивен на јавниот интерес. Имено, номиналаната вредност на акцијата што ја купува владата изнесува 18.806.250 евра, но нејзината откупна вредност е одредена како 32.773.905 евра?! Побогу, зошто граѓаните да му платат дупла цена на еден транзициски сопственик кој и онака нагомилал огромно богатство преку присвојување на народниот имот во транзицијата и преку вршење на дејност како монопол на пазарот.

Дополнително, не се знае дали на Владата ќе и’ следува право на дивиденда од остварените добивки на Га-Ма АД од нејзиното работење во претходните години? Што како акционер на 50% од акциите и’ следува, нели. 

Во законот нема уште и никаква одредба за тоа до кога парите ќе се платат. Со што се остава простор, во иднина, Макпетрол по пат на извршен налог да го преземе капиталот на НЕР и на овој начин, во иднина да настапи монопол во однос на испораката на ГАС, што би било многу штетно по граѓаните на нашата држава! Дополнително, кој ќе го плати данокот на капитална добивка? Де факто има капитална добивка која треба да се плати по стапка од 10%. Овој данок треба да го плати Макпетрол.

Во сето ова уште и нема одлука од Комисијата за хартии од вредност за да се спроведе договорот за купопродажба со упис на сопственоста во Централниот депозитар за хартии од вредност. Законот не предвидува одлука, односно постапка по однос на Договорот која ќе утврди дали има или не пропусти во постапката за запишување на разликата во капиталот, како номинална вредност на акциите на Га-Ма АД Скопје. Следствено, доколку се утврди такво нешто, договорот треба да биде неважечки и без правна сила. Понатаму, недостасува одлука како дел од овој договор, која ќе биде донесена од страна на Собранието на Акционерите на Га-МА АД за прифаќање на проценката од овластен проценител (во овој случај, Бирото за судски вештачења). Ова е важно при понатамошно утврдување на одговорност во случај на криминал, како и за да не се доведеме во ситуација да утре се јави Макпетрол како акционер кој ќе го оспорува договорот од било каква причина.

Се на се, предложениот Закон е еклатантен пример за кронизам во практикувањето на власта. Дали, со оваа зделка, некој, со државни пари сака да си купи партиски услуги?! Односно, медиумска поткрепа за ширење на партиска пропаганда?! Со оглед на тоа што деловниот субјект „Макпетрол“ е компанија која е основач и сопственик на македонска национална ТВ куќа „Телма“, каде што впрочем сиот овој период од владеењето на СДСМ, оваа телевизија ја имаше улогата на партиски мегафон на власта. Затоа, како решение во интерес на државата и граѓаните на Република Македонија, потребно е да се изврши експропријација без компензација! 

Понатаму, мора да имаме во озбир дека целата оваа акција на власта за озаконување на незаконската спогодба вредна 33 милиони евра народни пари, по се изгледа добива кураж од највлијателната странска амбасада кај нас – амбасадата на САД. Тука не се алудира само на известувањето кое пред скоро го добивме од амбасадорката Кејт Брнз, каде таа преку нејзиниот твитер профил, со хвалоспев ни соопшти дека остварила средба со претседателот на Управниот одбор на Макпетрол и сопственик на Телевизија Телма, Андреја Јосифовски, на која било разговарано за „регионално поврзана енергетска иднина“ на Македонија. Да се потсетиме само како Македонија по „сугестија“ (читај притисок) на воениот сојуз НАТО, се откажа од околу 300 милиони евра годишно за отстапување на својата територија за транзит на гасоводот „Турски тек“, кој сега веќе нѐ одминува. Во оваа насока беше и лобирањето на САД, особено преку скорешната посета на еден од нивните „енергетски“ дипломат во Скопје, кој имаше и билатерална средба со премиерот Зоран Заев. Сето ова беше неспосредно после учеството на американскиот државен секретар Мајк Помпео, на форумот во Солун, на кој присуствуваше и македонска владина делегација, од каде токму Помпео порача дека регионот е мошне важен и за него американскиот интерес има пошироко геостратешко значење.


Од сето ова, за жал, мора да се констатира дека нашата земја е дадена под концесија на НАТО и САД, и притоа целосно се занемерени националните интереси, останата е само покорната служба на колонизаторот. Додека, цела ЕУ, вклучително и Германија, се снабдува со евтин руски гас, и дополнително земјите градат гасоводи (од што пак добиваат и финансиски бенефиции), ние, задоволуваќи ги интересите на шака олигарси, со омраза го одбиваме евтиниот гас само поради тоа што е руски!?