Апасиев: Законот за ГАМА е невиден преседан од АСНОМ до денес

Обраќање на пратеникот Димитар Апасиев пред Собранието на Република Македонија.


,,Почитувани колеги пратеници, почитувана јавност, почитуван министер,

Денес на дневен ред е еден скандалозен закон, законот за покривање на криминалот за ,,Гама” којшто е најголем криминал после прочуената ,,Окта”. Моја задача како пратеник, но и како професор по право е да го расклинкам овој закон степ бај степ. Ќе почнам од она што е недопусливо. Имено има еден наш колега, пратеник за време на Наполеон Бонапарта – Бенжамен Констан кој што вели: ,,Нацијата е слободна само кога пратениците се ограничени”.

Ние, пратениците, не сме судии за да пресудуваме и затоа Парламентот не може да биде суд. Парламентот нема неограничена законодавна дејност, да – согласно начелото на чек енд балaнс – Парламентот може да биде квазисудска инстанца во случај на ипичмент на Претседателот или во случај на разрешување на некој јавен функционер. Но, согласно член 8 од нашиот Устав кој што ја гарантира поделбата на власта и владеењето на правото, законодавната власт не може да ја субсимира ингеренцијата на судската власт.

Овој закон е невиден преседан во историјата на македонското право од АСНОМ до денес. Ви тврдам дека и во светски рамки е невиден преседан, бидејки не постои случај со закон да решавате судски спор. Судски спор се решава со пресуда или со судска или вонсудска спогодба. Спротивно на членот 98 од Уставот, односно на амандманот XXV кој вели ,,Судската власт ја вршат судовитеЗабранети се вонредни судови.” Ова е случај на вонредно судство. Ова е случај на пресудување на прекисуд за спорови кои се водат 15 години. Се правиме попаметни од судиите кои воделе спорови помеѓу Република Македонија и ,,Макпетрол”, кои 15 години  не успеле да го решат спорот. На студентите по право им предаваме дека ,,Државата е дволична како римскиот бог Јанус. Еднаш настапува како империум, односно од позиција на моќ – кога е во сферата на јавното право, еднаш постапува во позиција на приватно, односно рамноправна страна – позиција на фискус во приватното право”. Тоа значи дека државата во овој случај постапува од позиција на фискус (приватно право). Не можеме ние со закон да решаваме судски спор, затоа што владата и според постоечкиве закони има право да потпише спогодба. Нека повели премиерот и нека ја потпише спогодбата, меѓутоа знае дека е тежок криминал, знае дека ќе оди во затвор после потпишувањето и после падот на власта и затоа потпикнува со закон да му решаваме судски спорови.

Вториот пункт на кој што ќе се задржам е спротивен на Уставот:

Ова е спротивно на членот 55 од Уставот кој вели: Се гарантира еднква правна положба на сите субјекти на пазарот, таа е позната како анти-монополска клаузула. Ова е единствен случај во македонската правна историја, лични имиња да дојдат во закон. Ова е олигархиски закон на двајца олигарси: Зоран Заев и Андреа Јосифовски кој ги  озаконуваме во закон. Значи ова е невиден преседан во историјата на правото општо. Значи ова е Inter partes спор, а законите важат erga omnes. Не можеме со закон да го решаваме спорот и да прикриваме криминали на олигарси.

Третиот пункт на кој ќе се задржам:

Ова е штетен закон, ова е закон спротивен на јавниот интерес. Согласночленот 33 од Уставот: ,,Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки.”

Прво, во законот нема ниту еден збор кој го плаќа данокот на капитална добивка. Тоа треба да биде должност на ,,Макпетрол”.

Второ, нема збор дали Владата би ѝ следувала дивиденда од претходново работење на ,,Гама”, што како акционер на 50% од акциите ѝ следува. Спротивно на законот, нема потребна одлука на Комисијата за хартии од вредност, а дека ова што го говорам не е само напамет, се послужив со кеј слоу, односно прецедентно право бидејки има преседан, а тоа е одлуката на Уставниот суд број 140 од 2001год. И не кога Кацарска била, туку Тодор Џунов, еден светски познат професор бил претседател на Уставниот суд.

Со оваа одлука се укина билатералниот договор помеѓу Македонија и Грција за нафтоводот или случајот на ,,Окта”. Видете го резонот на Уставниот суд, даде четири уставни основи по кој што го укина овој закон. Тоа значи:

вели: ,,Се повредува еднаквата правна положба” – (тогаш со фаворизирање на Окта), бидејќи за одредени субјекти на пазарот се воспоставува партикуларен режим за стратешко инвестирање. Значи, не можете утре по ова логика, секоја компанија која води спор со Владата ќе бара посебен lex specialis и посебен закон да им носиме за да им го решиме спорот.

Вториот правен основ кој што го поништува овој билатерален договор кој е меѓународен, а Уставниот суд го поништил, дотолку повеќе сега ќе има право да го поништи бидејки е приватен, а не е меѓународен – е владеењето на правото, односно има повреда на rule оf law, тоа е вториот уставен однос. Третиот основ е плаќањето на данок и јавни давачки и четвртиот вели „бидејќи не е објавен.” Оваа одлука верувам дека владините правници ја имале во вид кога го носеле и тие успеале само да го анулираат четвртиот уставен однос, а тоа значи дека ја вметнале спогодбата и ја објавуваат со закон, што претходно не било случај бидејќи ја криеле (онаа за Окта).

Меѓутоа, остануваат во сила овие три уставни основи, поради кои што ако имаме нормален Уставен суд не ќе може да помине уставната бариера, односно ќе падне како противуставен.

На крајот ќе завршам со тоа дека оној кој го преговарал ова во Виена е слаб преговарач, бидејки видовме дека Заев е многу слаб преговарач и во сферата на јавното право со бугарскиот договор, со Преспанскиот договор и во сферата на приватното право.

Првата лага која што ја споменува во самиот предлог на закон е дека предлогот на закон бил по укажување на државното правобранителство. Не само што ова не е точно, туку државното правобранителство е првиот негатор на овој договор, прв дал негативно мислење да се склучи ваква спогодба, бидејки и секој писмен правник знае дека овде б’зди на криминал и корупција. Вистината е да ги платите вашите долгови према една про-владина, про-режимска ТВ- Телма која има 0% гледаност и да ги внесете тие бугарски бизниси во медиумскиот сектор, да го побугарчите онај егеецот Атанас Кировски-Цаки (уредникот).

Втората лага е дека не е сложен и обемен закон, па затоа оди по скратена постапка. Не само што е сложен, туку овој закон е пресложен за да биде закон, затоа што е скандалозен и е без преседан од АСНОМ до денес во 70 годишното постоење на Република Македонија. Шест до седум премиери и претседатели се имаат сменето без да го донесат овој скандалозен закон. Што мислите, Бранко Црвенкоски не можел, или некои други премери, или Никола Груевски не можел да донесе ваков закон? Меѓутоа дошол овој олигархов за да си се спогоди со другиот олигарх, под страв од санкции од ЕУ. Пазете која лага ја употребуваат во образложението на законот дека ЕУ ќе ни ставела санкции ако не го озакониме овој нивен криминал. Ова е перверзно и недомаќинско работење.

Членот 1 од спогодбата вели: ,,На Макпетрол му припаѓа една акција во вредност од неполни 19 милиони евра”, за да членот 5 вели: ,,Владата ќе ја купи оваа акција, но за 33 милиони евра.” Значи ние ќе го частиме овој олигархов на ,,Макпетрол” 14 милиони евра од народни пари. И на крајот, потпикнувањето на кукавичкото јајце за да ,,утре” не оди во затвор овој кој ќе го потпише е преку сосема трето лице, а тоа е НЕР (Национални енергетски ресурси).

Во облигационото право има начело: Res inter alios acta, тоа е правна работа помеѓу две странки, која не ја засега третата странка. Тоа е како ,,Јас не плаќам струја, па вие тужбата ќе му ја пратите на Борислав Крмов”. Која е таа логика? Кој е овој субјект кој се вметнува во спор помеѓу Влада и приватно лице, вметнувате државна компанија?

Затоа ЛЕВИЦА ќе гласа ПРОТИВ овој закон и тука не запираме, ќе упатиме (ако го донесете) официјално писмо до Претседателот да стави суспензивно вето, ако не стави, или ако стави, а по втор пат го донесете, ќе Ви го оспориме на Уставен суд и верувам дека ќе ви падне како круша.”