Крмов: Профитот нема јавен интерес – потребна е национализација на Макпетрол

Обраќање на пратеникот Борислав Крмов за време на маратонската седница по повод носењето Законот за ГАМА.


„Јас ќе се обидам да одговорам на четири прашања околу овој случај за да биде полесно разбирливо за граѓаните и да знаат што всушност се случува тука. Значи ќе почнам со што се случува, за колку пари се работи, зошто се случува и како да се реши.

Што се случува:

Ние имаме спор помеѓу Република Македонија и АД Макпетрол околу тоа колку од странките учествувале во изградбата на гасоводниот систем на РМ. Тој спор трае веќе 15 години, значи судовите имаат проблем да го решат и сега тука на Собранието ни е понуден закон, со кој што наводно треба тој спор да го решиме. Значи имаме спогодба.

Прашањето е, ако имаме спогодба, зошто таа спогодба не се случи во судот? Ако ние толку веруваме во судството, кое што нели го отворивме како пупка, ако судството веќе не е заробено од 2015-та, тогаш уште еднаш го поставувам прашањето, зошто оваа спогодба не се случува во судот?… И не само во судот. Оваа спогодба му била понудена и на Јавниот Правобранител, кој што во едно долго соопштение кое што колегите го спомнаа, им објаснил на Владата дека тоа не може да се случи, дека тој не сака да го потпише и дека тој документ е должен да го потпише премиерот на државата Зоран Заев. Премиерот на државата одбива да го потпише. Сега ние треба да ратификуваме тука нешто што е надлежност на судот, што е опасен преседан, значи ние една од трите власти на овој начин ја минимизираме, ја заобиколуваме, и на крај и потписот на премиерот Заев го заменуваме.

Значи, ако е се’ чисто, зошто ова да не се случи во судот? Како ние овде да не се сомневаме дека се работи всушност за криминал?
Значи и Јавниот Правобранител и премиерот Заев се свесни дека тој што ќе стави потпис на ова парче хартија утре ќе може кривично да одговара. Затоа одговорноста се префрла на Собранието. Тоа е срамно!

За колку пари се работи:

Се работи за отприлика 33 милиони евра, кои што АД Макпетрол треба да ги инкасира од државниот буџет. Номиналната вредност на акцијата која што ја поседува АД Макпетрол (значи на почеток колку пари вложиле) е околу 19 милиони евра. Кога ќе одземеме, добиваме некаде околу 14 милиони евра плус отколку што тие треба да добијат.

Згора на тоа, просечно траење на еден гасовод доаѓа околу 30 до 35 години, а овој гасовод кој што сега ние го имаме (гасоводниот систем во РМ) е стар околу 25 години. Ние за 5 до 10 години овој гасовод нема да можеме да го користиме како што треба и ќе треба да го реновираме. Значи не само што преплаќаме, туку и многу повеќе преплаќаме. Не се само 14 милиони евра, него ако се направи проценка како што треба, се работи за сигурно многу повеќе пари.

Зошто ова се случува:

Кога ќе го погледнете договорот на кој начин е структуриран и кои две имиња стојат таму, очигледно е дека тука се работи за еден вид договор помеѓу двајца олигарси. Тоа се сопственикот на ТВ Телма и АД Макпетрол и премиерот Зоран Заев, кој што меѓу другото е и бизнисмен и сопственик. Значи тука се работи најверојатно за расчистување на некои матни бизниси кои не ги знаеме. Еве да речеме, пропагандната улога која што ја играше ТВ Телма за време на изборите, но за наша среќа ТВ Телма е слабо гледана, под 1%. рејтинг.

За крај, како да го решиме овој спор:

Додека ни се спрема трет бран на приватизација, со ваквите (не знам ни како да ги наречам) закони, одлуки, спогодби итн, паѓаат маските на старата приватизација. Имено, Макпетрол е едно од претпријатијата кое што беше приватизирано во ’90-тите. Овој народ мора еднаш засекогаш да сфати дека приватниот капитал нема јавен интерес. Профитот нема јавен интерес!

Олигархијата, сопствениците, газдите – немаат јавен интерес. Тргнувајќи од тоа, најелегантно решение на овој спор би било национализација на Макпетрол. Национализација на компании од типот на Макпетрол и нивно враќање во државни раце за да му служат на народот, би требало да бидат и стратешка цел на секоја нормална држава, па и на Република Македонија.

Јавно кажуваме дека, од позиција на власт, една од првите работи што ќе ги направи Левица е национализација на АД Макпетрол.”