Суштината на трилатералниот договор потпишан помеѓу Србија, Косово и САД

Суштината на трилатералниот договор потпишан помеѓу Србија, Косово и САД се содржи во следниве 7 од 16 точки од договорот:

1. Косово (Приштина) и Србија (Белград) ќе соработуваат со Меѓународната финансиска корпорација за развој на САД и ЕКСИМ (Увозно-извозна) банка на Соединетите Држави за меморандуми за разбирање за да се постигне следново: Автопат на мирот, Железничка врска помеѓу Приштина и Мердарe, Железничка врска помеѓу Ниш и Приштина, Обезбедување средства за финансирање на заеми потребни за мали и средни претпријатија, Дополнителни билатерални проекти, Постојано присуство на Американската финансиска корпорација за меѓународен развој во Белград, Србија.

2. Двете страни ќе се приклучат на „мини-Шенген зоната“, што Србија, Албанија и Северна Македонија ја прогласија во октомври 2019 година и целосно ќе ги искористат нејзините предности.

3. Двете страни ќе соработуваат со Министерството за енергетика на САД и други релевантни тела на американската влада за да развијат физибилити студија за поделба на езерото Газиводе/Ујмани, како сигурен извор на снабдување со вода и енергија.

4. Двете страни ќе забранат употреба на 5Г опрема што доаѓа од несигурни добавувачи. Онаму каде таквата опрема веќе постои, двете страни се обврзуваат да ја отстранат навремено и да преземат други неопходни чекори.

5. Двете страни ќе ја зголемат контролата на патниците во авионите, ќе разменуваат информации меѓу себе и во поширока соработка со Соединетите Држави на Балканот и ќе се посветат на унапредување на технологијата за борба против недозволени активности, преку системи за скрининг и информации обезбедени од Соединетите Држави, вклучувајќи PISCES, APIS, ATS-G i SRTP.

6. Двете страни се обврзуваат да го означат Хезболах како целина како терористичка организација и целосно да спроведат мерки за ограничување на деловните и финансиските активности на Хезболах во рамките на нсвојата надлежност.

7. Србија (Белград) се согласува да отвори канцеларија на Стопанската комора и државна канцеларија во Ерусалим на 20 септември 2020 година и да ја пренесе амбасадата во Ерусалим до 1 јули 2021 година. Косово (Приштина) и Израел се согласуваат на меѓусебно признавање.

Договорот фино-лепо си кажува: Србија се обврзува да се бори на страната на САД, кои ја бомбардираа последен пат кога имаа спротивставени интереси, во трговската војна со Кина (автопати, железници, 5Г) и во конфликтите на Блискиот Исток (против Хезболах, про-Израел, анти-Палестина).

Останатите 9 точки (цркви, џамии, ЛГБТ и сл.) се шминка за да се тргне фокусот од економско-империјалистичката суштина на овој договор и да се концентрира јавната критика единствено на божемните отстапувања кои две од трите страни ги прават.

Статус на facebook на Јован Крајевски.