Најавени протести во Бугарија поради отварањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“

На 30 октомври, в недела во 12 часот во Благоевград ќе се отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“. Уште неотворен клубот веќе предизвика сериозни бранувања и во Македонија и во Бугарија. Во Македонија власта нема намера да присуствува на отворањето, а во Бугарија ова веќе се квалификува како отворена провокација. Написот на клубот веќе е оштетен со бришење на буквата М од „Македонски културен клуб“.

Забранетата македонска партија во Бугарија ОМО Илинден Пририн пред неколку дена соопшти дека целта на клубот е да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Бугарија и Македонија, да ги зајакне врските меѓу двете земји и меѓу Македонците во Бугарија и Македонците ширум светот.

ОМО Илинден Пирин соопшти дека за настанот биле поканети и премиерите на Бугарија и на Македонија, амбасадори и градоначалникот на Благоевград, медиумите од двете страни на границата, пријатели и гости од земјава и странство.

Настанот е дозволен од градоначалникот на општина Благоевград, а претходно Советот на градот ја забрани регистрацијата на овој клуб.

ВМРО во Бугарија најави дека в недела ќе организира протест во Благоевград, а воедно се очекува навивачите на фудбалскиот тим „Пирин” да прослават 100 години од неговото формирање. Полицијата во Благоевград презема мерки за да спречи ескалација на овие настани, најави полицискиот комесар во градот Димитар Ичев.

На настанот најавија присуство од Политичката партија Левица.