Каде се најавените 200 респиратори од Кина?

Во емисијата „Утрински брифинг“, односно на 16 март министерот Венко Филипче, меѓу другото ни соопшти и дека е договорена помош од Народна Република Кина. Дословно, изјавата беше следна:

“На заедничкиот состанок со Амбасадорот на Народна Република Кина, тој ја понуди нивната помош како од страна на нивните експерти, за што веќе видеоконференциски состанок се одржа, нашите експерти од областа на инфектологијата ги разменија искуствата. Навистина имаше многу прашања, совети и тн. Но (Амбасадорот) се заложи доколку може, а одговорот го очекуваме овие денови, да добиеме уште 200 респираторни машини. Значи уште 200 од Кина? Тоа е бројка која сметам дека е сосема доволна”.

Веќе две недели подоцна, во метежот од прес-конференции, трагата на најавените 200 респиратори се изгуби. Следствено, во интерес на јавноста, како и општото здравје на нашиот народ, јавно прашуваме до каде е реализацијата на оваа најава? Која е причината што досега нема ништо од тоа што министерот го најави? Во меѓувреме, министерот за економија на Словенија, Здравко Почивалшек објави дека веќе се во завршна фаза од реализацијата на помошта која доаѓа од НП Кина, и дека 20 од 40 респиратори се очекуваат да пристигнат во Словенија веќе наредните неколку дена.