Пакистан, Кина и Русија со план да тргуваат во локалните валути и да го прескокнат доларот

Осумте земји-членки на Шангајската организација за соработка (SCO), вклучувајќи ги Кина, Русија и Пакистан се пред првична одлука да спроведуваат билатерална трговија, инвестирање и издавање обврзници во локални и национални валути наместо во американски долари.

Планот со следните чекори требаше да биде усвоен на состанокот на Министрите за финансии на земјите-членки, кој беше закажан да се одржи во Москва на 18 март. Меѓутоа, поради пандемијата на Ковид 19, состанокот привремено беше одложен.  

Пред состанокот, Русија како Претседавач со Шангајската организација за соработка (SCO) ги повика земјите членки да поднесат предлози за тргување и инвестирање во локални валути. Се очекува наскоро земјите-членки да потпишат план за трговија и инвестиции во националните валути. Доколку започнат меѓусебна трговијата и инвестиции во националните валути наместо долари и фунти, тоа ќе биде голем исчекор. Ќе ги засили националните валути и ќе ја зголеми меѓусебната трговија и инвестиции.

Шангајската организација за соработка e eвроазиска политичка, економска и безбедносна организација основана во 2001 година во Шангај од страна на лидерите на Кина, Казахстан, Киргистан, Русија, Таџикистан и Узбекистан. Индија и Пакистан станаа членки во 2017 година. Земји со статус на набљудувачи се Иран, Белорусија, Монголија и Авганистан.