Став

Постои ли објективна волја на народот?

Либтард. Каков прекрасен збор. 

Пишува:
Иво Босилков

Да се разбереме, не зборувам за инфантилната духовитост на алт рајт меме бригадата во контекст на неговата генеза. Тоа е дезориентиран, ирелевантен олош полн со злоба и нихилизам кој наоѓа своја катарза во сајбер новоговорот преку кој полека се трансформира токму во тоа што го мрази најмногу – политичкиот хипстер, нарцисоиден вигилант заглибен во ехо комората на маргините на културните војни. 

Да се бараше само потсмев, самиот поим либерал можеше да послужи, и онака неговото значење е веќе пејоративно. Меѓутоа либтард не само што го има далеку позаслужениот каустичен призвук со оглед на неговиот енормен придонес за трулоста на денешното општество, туку и погаѓа во самата срж на либералната догма: тоа е политичко суштество со уназадено разбирање на слободата. 

За еден либтард, неговото учество во “слободни, фер и демократски избори” или “консултативни референдуми” е несоборлив доказ дека тој е навистина слободен. Всушност, потчинувајќи го својот разум на дискурсивната хегемонија која ја има втемелено оваа заглупувачка фразеологија, тој станува роб на процедуралниот формализам кој од политичката арена прави Потемкиново село на демократијата. Позади спектаклот на изборната трка, реалноста е дека идеолошката понуда на современиот либерализам не е ништо повеќе од илузија; сјаен, но шуплив накит со кој се купува мир во куќа. 

Ова му е горе доле познато на секој барем малку софистициран набљудувач на општествените процеси. Меѓутоа она што е многу потешко да се прифати е дека овој мир е привремен, а кога ќе заврши неговата цена може да излезе далеку поскапа од есапот. Причината е едноставна: постулатите на либералниот сон ја негираат историската динамика на општествениот прогрес, и најпосле, самата човекова природа. Повикувајќи се на класичното клише “ballots not bullets” (гласачки ливчиња, не куршуми), како поткрепа за тврдењето дека конфликтот мора да биде елиминиран за да не прерасне во насилство, жртвите на либералниот Стокхолм синдром спонтано се претвораат во соучесници во еден колосален заговор против заедницата, кој потекнува од врвот на социјалната хиерархија. 

Велам заговор затоа што оваа перверзна имитација на градењето консензус е намерно банализирана. Вистината е дека конфликтот е неопходен, затоа што без него стануваме субмисивна аморфна маса без никаква потреба и амбиција освен гола егзистенција. Во таква ситуација, тркалцата кои ја движат големата машина полека почнуваат да отпаѓаат, додека саможивоста и апатијата постепено го совладува човечкиот дух. Предвидувајќи го ова, архитектите на либералната демократија го пренасочија конфликтот внатре во таа машина, наместо кон нејзините оператори, и умешно го преименуваа во “пазар на идеи”, евоцирајќи ја стравопочитта од суперорганизмот наречен економски пазар. 

Понатаму, за дополнително да ја подмачкаат таа голема измама, тие ја произведоа идентитетската политика, според која секоја група има интереси кои кореспондираат со партикуларна комбинација од демографски карактеристики, и кои се спротивставени на интересите на сите други комбинации. Природно, претставничката демократија е алатката низ која сите тие интереси би биле застапени во системот, и низ која на овие конструирани групи би им се продавала приказната за победници и губитници. Се разбира, едни на сметка на други, во еквилибриум на мачни компромиси и општо незадоволство. 

Но конфликтот никогаш и не бил меѓу овие групи. Правото на материјална сигурност, правото на здрава животна средина, правото на културна посебност и признаеност, се универзални. Без разлика дали се работи за црнци или белци, Македонци или Албанци, хетеросексуалци или ЛГБТ, нивните интереси никогаш не се коселе едни со други. 

Нивните интереси се косат со интересите на оние кои се обидуваат да ги убедат во спротивното. Тоа се сите оние кои ја репродуцираат оваа одвратна манипулација низ театарот на идеен пазар, зад чии кулиси се кријат бизниси, сплетки, корупција и криминал. Тоа е мрежата на политичари, бизнисмени, обвинители, судии, медиуми и тајни служби, неуморно посветени на нивната игра на тронови. Што поголем доказ за тоа од разобличените интриги меѓу Камчев, Катица, Боки Тредичи, Заев, Верушевски и уште куп ликови во целата оваа погана калакурница од естаблишмент? 

Либтардот не е виновен што има заостанат концепт за слободата. Илјада пати кажана лага станува вистина, а оние со моќ ги користат сите средства да ја задржат. Тие се виновни за ширењето на нивните малициозни мантри: елитите се најдобро екипирани да одлучуваат, нивната спрега е конспиративна бесмислица на популистите, народот е природно спротивставен поради идентитетските разлики. Сето ова е лага. Народ кој живеел со векови во иста територијално-географска единица, со исти желби и грижи не е колекција на атомизирани супструктури. Тој е хомогена целина која е убедена дека не е таква, затоа што вистинскиот непријател го има монополот на дискурсот. Во моментот кога меурот ќе пукне, таа целина ќе стане свесна за тој факт, либтардот ќе престане да биде либтард и ќе ја земе судбината во свои раце. А верувајте, тоа ќе биде наскоро. 


Авторот е докторант по политички науки на Универзитетот во Милано.