Добро утро од северномакедонската реалност!

Текстот е превземен од фејсбук статус на Јован Крајевски, член на Президиумот на Левица.


Кога ќе ви дојдат сметките на 1-ви повисоки од вашата плата, сетете се дека името го сменивме, полесно ќе ви биде.

Кога ќе се скарате со родителите оти не ви ја даваат пензијата за да ги платите кредитите на 5-ти, верувам полесно ќе ви е оти името го сменивме.

Кога синот или ќерката ќе ви кажат оти не стапуваат во брак и не сакаат деца затоа што на 35 години се уште невработени или на минималец, бидете горди оти сепак името го сменивме.

Кога ќе ви зачукаат на врата извршителите за застарен неплатен долг, со исправена глава ќе им кажете дека сте никој и ништо, платата ќе ја дадете ама барем името го сменивме.

Кога на суд ќе изгубите затоа што судијата бил од тефтерчето и штител партиски интереси, не очајувајте, па сега сте северномакедонци.

Кога политичарите од било која партија на избори ќе ви ветуваат а после нема да исполнуваат и ќе работат за лични интереси, ама ич да не ви е гајле бидејќи името го сменивме.

Кога работодавецот ќе ве малтретира, ќе ви исплаќа помалку плата, ќе ви даде 5 дена одмор колективен сосе викенд, ич да не му ја мислите, името го сменивме.

Кога децата ќе ви бараат нови патики оти од старите прстињата им излегуваат, гордо кажете им дека името го сменивме.

Кога децата ќе ви се јават од јабана, голтнете ги солзите и сетете се дека не за џабе името го сменивме, помалку ќе печат солзите.

Кога ќе им се пожалите на вашите роднини од странство дека тешко се живее во Македонија, а тие ќе почнат да ви кукаат колку е потежок животот во странство, дека едвај врзуваат крај со крај, и после ќе ви се пофалат со слики од одморот на Сејшели, не се нервирајте, па нели името го сменивме.

Кога ќе го затворите бизнисот заради нелојалната конкуренција на партиските фирми, главата горе, името го сменивме.

Кога ќе отидете на лекар, и без врски со месеци нема да добиете точна дијагноза, и на крај кога ќе ви кажат дека имате уште 1 месец живот, ама да се откриело порано сто посто ќе сте се излечеле, не очајувајте, името го сменивме.

Кога на шалтер во банка ќе ви кажат дека и минусот веќе сте го потрошиле, вратете се дома и кажете им на вашите деца дека е подобро да гладувате со сменето име и во сојуз со империјалистите ради кои пола свет гладува.

Добро утро од северномакедонската реалност!

*Оригиналниот текст беше објавен пред година дена и помина доста добро низ провладините кругови во Македонија. Во овие 365+ дена заслужи една ваква скромна и не многу креативна поправка за да повеќе соодветствува со фактите на реалноста, кои се дијаметрално спротивни од светот на бајките во кои авторот живее или пробува да не убеди нас дека ние живееме. Оригиналниот текст можете да го најдете тука: https://www.facebook.com/ana.hristova.9/posts/10216897811258124.