Патот кој ме донесе до ленинизам – Хо Ши Мин
После Првата светска војна, се сместив во Париз и работев дел како асистент на фотограф, а дел како сликар на „кинески антиквитети“ (направени во Франција!). Делев летоци што беа насочени против злосторства кои француските колонијалисти ги вршеа против Виетнам.
Во тоа време, ја поддржував Октомвриската револуција само инстинктивно, сѐ уште не разбирајќи го целосно нејзиното историско значење. Го сакав Ленин и му се восхитував заради тоа што тој беше голем патриот кој го ослободи својот народ; до тогаш не сум прочитал ниту една од неговите книги.
Причината поради која се приклучив на Француската социјалистичка партија беше во тоа што овие „дами и господа“ – како што тогаш ги нарекував моите другари – покажаа наклонетост спрема мене, спрема борбите на угнетените народи. Меѓутоа, јас не разбирав што е ниту партија, ниту синдикат, ниту социјализам, ниту комунизам.
Вжештени дискусии беа водени во ограноците на Социјалистичката партија околу прашањето дали Социјалистичката партија треба да остане во Втората интернационала, дали треба да се формира Втора и половина интернационала, или треба да се приклучи на Третата интернационала на Ленин? Одев на состаноци редовно, два или три пати неделно и внимателно ги слушав дискусиите. На почетокот, не разбирав сѐ во целост. Зошто дискусиите беа толку вжештени? Револуции можеа да се случат или со Втората, Втората и половина интернационала, или со Третата интернациона. Која беше целта на расправиите тогаш? И што е случено со Првата интернационала?
Она што најмногу ме интересираше – и токму тоа не се дискутираше на овие состаноци – беше: која Интернационала е на страната на колонијалните народи?
Го поставив ова прашање – кое според мене беше најважно – на состанокот. Некои другари ми одговорија: Тоа е Третата, а не Втората интернационала. Тогаш еден другар ми даде да ги прочитам Лениновите „Тези за националните и колонијалните прашања”, објавени од l’Humanite (списание на француските социјалисти).
Во овие тези имаше тешко разбирливи политички термини. Но, со напорно читање повторно и повторно, на крајот успеав да го сфатам главниот дел. Каква емоција, ентузијазам, остроумност и доверба тоа дело всади во мене! Бев пресреќен. Иако седев сам во мојата соба, гласно извикав како да се обраќам на голема група луѓе: „Драги измачени сонародници! Ова е тоа што ни треба, ова е патот до нашето ослободување!“
Оттогаш, имав целосна доверба во Ленин и Третата интернационала.
Претходно, за време на состаноците на партискиот огранок, само слушав дискусии; имав нејасно убедување дека сѐ што сите зборуваа е логично и не можев да откријам кој е во право, а кој не е. Но, оттогаш па натаму, и самиот се вклучував жестоко во дискусиите. Иако сè уште ми недостасуваа француски зборови за јасно да ги изразам сите мои мисли, нештедејќи енергија ги отфрлав сите обвиненија насочени против Ленин и Третата интернационала. Мојот единствен аргумент беше „Ако не го осудите колонијализмот, ако не застанете на страната на колонијалните народи, тогаш каква револуција водите?“
Не само што учествував на партиските состаноци на мојот огранок, туку одев и на други ограноци за да го изнесам „мојот став”. Морам да кажам дека другарите Марсел Кашан, Ваилан Кутуарје, Монмузо и многу други ми помогнаа да ги проширам своите знаења. Конечно, на Конгресот во Турс, гласав со нив во корист на нашето придружување кон Третата интернационала.
На почетокот, патриотизмот, а сè уште не комунизмот, ми даде доверба во Ленин, во Третата интернационала. Чекор по чекор, со борба, учење Марксизам-Ленинизам и вклучување во практични активности, сфатив дека само социјализмот и комунизмот можат да ги ослободат од ропство угнетените народи и работните народи ширум светот.
Постои легенда, како во нашата земја така и во Кина, дека постои чудесна „Книга на мудрите“. И кога е човек во големи тешкотии, треба да ја отвори книгата и да го пронајде излезот. Не само што ленинизмот е „книга на мудрите“, насока за нас револуционерите и народот од Виетнам: туку е и сјајно сонце кое го осветлува нашиот пат до конечната победа, до социјализам и комунизам.
Преведено од Dijalektika.