Последни зборови до нацијата – Салвадор Аљенде

Имаат сила со која можат да нѐ доминираат,
но, општествените активности и процеси
не можат да бидат уапсени ниту со сила,
ниту затиштени по криминален пат.
Историјата е наша и историјата ја прави народот!


Вчера навршија 47 години од воениот пуч врз демократски избраниот претседател на Чиле – Салвадор Аљенде. Аљенде за време на своето владеење ги национализираше главните индустрии коишто претходно беа поседувани од американски корпорации и драстично ги зголеми државните инвестиции во образование, социјална помош, како и спроведе редистрибуција на земјиште. Поради ова, САД и ЦИА преку поставениот генерал на војската Пиноче извршија пуч и воспоставија хунта која беше блиска до американските бизнис и воени интереси. На 11 септември 1973 година, со бомбардирање на претседателската палата, Аљенде беше убиен. Тогашниот државен секретар на САД и добитник на Нобелова награда за мир – Хенри Кисинџер ќе изјави дека „се работи за премногу важни прашања за да бидат оставени Чилеанците сами да одлучат за нив.”

Неколку минути пред да биде убиен, Аљенде ќе се обрати на нацијата со својот последен говор. Во продолжение следи неговиот говор.


Другари мои,

Ви се обраќам, знаејќи со сигурност дека ова ми е последна прилика. Воздушните сили ги бомбардираат „Радио Порталес“ и „Радио Корпорасион“.

Нема горчина во моите зборови, само разочараност. Нека служат како морална казна за оние кои ја предадоа нивната заклетва: чилеански војници, врховни командати по титула, како адмиралот Мерино, кој сам се назначи за командант на морнарицата. И г-динот Мендоза, бескрупулозниот генерал кој само ден претходно се заложи за верност и лојалност кон Владата, а веќе наредниот сам си се постави за началник на карабињерите (националната полиција).

Земајќи ги предвид овие настани и факти, единственото што ми преостана да им соопштам на работниците e дека: Јас нема да отстапам и да се предадам! Соочен со историска транзиција, јас ќе платам со сопствениот живот за лојалноста на народот. И им тврдам, дека со сигурност семето кое го посадивме во добрата совест на илјадници и илјадници чилеанци, никогаш нема да се искорени!

Имаат сила со која можат да нѐ доминираат, но општествените активности и процеси не можат да бидат уапсени ниту со сила, ниту затиштени по криминален пат. Историјата е наша и историјата ја прави народот!

Работници на мојата земја: Сакам да ви се заблагодарам за лојалноста која отсекогаш сте ја имале, за довербата која ја депониравте во човек, кој само ги толкуваше копнежите за правда. Кој даде збор дека ќе ги почитува Уставот и законот, и го стори тоа. Во овој конечен и последен момент, кога сѐ уште можам да ви се обратам, посакувам добро да ја запомнете и искористите лекцијата: странски капитал, империјализам – чија взаемна реакција создаде клима во која вооружените сили ја прекршија и отфрлија нивната традиција. Традиција пренесена од генералот Шнајдер и реафирмирана од страна на командантот Араја, жртви на истиот социјален сектор кој денес ќе биде во нивните домови потскокнувајќи со странска интервенција за преземање на власта, се со цел да си го одбранат својот профит и привилегии.

Пред се, им се обраќам на скромната жена на нашата земја, на движењето „Кампесина“ чии членови веруваа во нас, на работникот кој се трудеше повеќе, на мајката која ја препознаваше нашата грижа за децата. Им се обраќам на професионалците на Чиле, патриоти кои пред неколку денови продолжија да работат и покрај бунтот спонзориран од професионални асоцијации, класно-ориентирани здруженија кои исто така ги бранеа предностите на капиталистичкото општество кои ги уживаат неколкумина.

Им се обраќам на младите, оние истите кои пееја и ни ја споделија нивната радост и нивниот борбен дух. Му се обраќам на човекот од Чиле, работникот, земјоделецот, интелектуалецот, на оние кои ќе бидат гонети и прогонувани, бидејќи во нашата земја фашизмот е присутен веќе со часови – преку терористички напади, разнесување мостови, сечење на железничките пруги, уништувања на нафтоводите и гасоводите, во тишина од страна на оние кои имаа обврска да ги заштитат. А беа посветени. Историјата ќе ми пресуди.

Сигурно ќе го замолчат и радио „Магаланес“, а мојот глас од мирниот, метален инструмент повеќе нема да стигнува до вас. Не е важно. Ќе продолжете да го слушате. Секогаш ќе биде околу вас. Барем моите сеќавања ќе бидат на достоинствен човек, кој беше верен на работниците.

Народот мора да се бране себеси, но не смее и да се жртвува. Народот не смее да дозволи да биде уништен или избушен од куршуми, но не смее ни да остане понижен. Работници на мојата земја, имам верба во Чиле и судбината на Чиле. Многу други ќе го надминат овој мрачен и горчлив момент кога ќе се надвладее предавството. Продолжете напред, знаејќи дека порано или подоцна, повторно ќе се отворат големите авении каде што ќе се движе слободен народ, кој ќе изгради подобро општество.

Да живее Чиле!

Да живее народот!

Да живеат работниците!

Ова се моите последни зборови и сигурен сум дека мојата жртва нема да биде залудна. Сигурен сум дека, во најмала рака, ќе биде морална лекција која ќе казнува кривични дела, кукавичлак и предавство.

Сантијаго, Чиле, 11-ти Септември 1973

https://www.facebook.com/Redfishstream/videos/2409467916021341