„Еко-свест“: Банки од Австрија и Германија финансираат штетен проект низ заштитеното Водно

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Во целост ви го пренесуваме соопштението на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Додека Австрија и Германија промовираат ЕУ вредности во Македонија, нивните банки финансираат изградба на гасовод низ заштитено подрачје.

Во моментов сите очи се вперени во Република Македонија, нејзините меѓународни односи и иднината на земјата. Изразуваме особено задоволство и подршка што се работи на развој на земјата во насока на Европски стандарди и политики. Меѓутоа, со жалење информираме дека во Македонија во моментов во тек е националната гасификација на земјата- огромен инфраструктурен проект за кој финансиски средства се добиени од Австриски и Германски банки и истиот проект започна да се спроведува на терен со прекршување на националното законодавство, со прекршување на процедури и постапки и веруваме прекршување на Европските вредности кои земјата се стреми да ги достигне за да стане земја- членка на ЕУ.

Скандалозната делница 5 која минува низ главниот град Скопје, преку Тетово до Гостивар и Кичево се гради во среде парк шумата Водно кое е заштитено подрачје од 1970 година. Водно за жал е високо ерозивно подрачје кое во минатото било наменски пошумувано за да се избегне ризикот од лизгање на земјиштето врз населението во Скопје. Сепак, во текот на постапката за овој проект, граѓаните кои живеат во населените места долж трасата воопшто не биле информирани ниту консултирани на јавни расправи, а студијата за оценка на влијание врз животната средина е некомплетна и не предвидува мерки за справување со евентуалните хаварии предизвикани од проектот.

Главниот град Скопје во последните 5 години се гуши од загадување на воздухот. Парк шумата Водно е белите дробови за жителите на градот. Сечата на шумата го загрозува здравјето на Скопјани од повеќе аспекти. Градот во последните години е погоден од поројни дождови кои предизвикаа сериозни штети и ја загрозија безбедноста на жителите на Скопје. Експертите посочуваат дека поради очекуваните невремиња и нестабилни климатски услови во иднина, Водно треба да е приоритетно подрачје за заштита, првенствено поради човековата безбедност.

Изразуваме сериозна загриженост што ваков ризичен проект се финансира од Германски и Австриски банки, двете земји- членки на Европската Унија и држави кои се залагаат за одржлив развој, здрава животна средина и ставање на здравјето и безбедноста на своите граѓани на прво место.

Исто како во Германија и Австрија, граѓаните на Македонија бараат спроведување на постапките и процедурите согласно националното и ЕУ законодавство, транспарентно и инклузивно. Да се испочитуваат ЕУ директивите за заштита на природата како и меѓународно признаените договори како тоа би се направило во било која друга земја- членка на ЕУ. Само на таков начин граѓаните можат да изградат доверба во македонските институции кои треба да демонстрираат вистинска грижа за безбедноста и здравјето на населението на долг рок.