Секташењето на „левите интелектуалци“

Во секоја паралела помеѓу „Шарената Револуција“ и движењето „Бојкотирам“ штрчи лицемерието на една мала самопрогласена „лева интелектуална“ фела. Група независни граѓани, кои наводно трагаат по „автентичност“ и слични празни флоскули, кои немаа никаков проблем да протестираат заедно со десничари, либерали, Заев, Шеќеринска, Пендаровски итн., бидејќи беа обединети во целта да го срушат режимот на Груевски, денес не само што не земаат учество во движењето „Бојкотирам“, туку и јавно го напаѓаат.

Милион маани наоѓаат. Повеќето од нив кажуваат дека се против влез во НАТО, ама не можеле да бидат поистоветени со националисти. Самата промената на името не им пречела пошто нели, „сите нации се халуцинации“, им сметало сонцето на Вергина, Јанко Бачев, Солза Грчева итн. итн. Кога против Груевски се протестираше, целта ги оправдуваше средствата, ама кога станува збор за НАТО, тоа не е случајот.

Тогаш со капиталисти можеа да протестираат заедно, сега не можат заедно со националисти. Со Заев немаа проблем, ама Солза Грчева им смета. Тогаш не требаше да се деконструира капитализмот, требаше само Грујо да падне, а сега требало да се деконструираат националните митови, сега требало да се секташиме, сега требало се.

А мене ми се гади од ова нивно сегашно интелектуално мастурбирање за деконструкции ала Дерида, Фуко и останати од ЦИА славени француски интелектуалци, кои со нивната погрешна мета за критика само го помогнале американскиот империјализам. Таа нивна критика единствено ми звучи на „преку леб погача” муабет и на евтин обид да се задржи некоја морална супериорност и чистина над оние „будали” со национален идентитет. Па и ваквите ставови нечесто ги слушам заедно со некои смешни идеи за оддржливост, за некои алтернативни комуни, еко муабети за биоразградливи кеси и антиконзумеристички бладања на самопрогласени антикапиталисти (ах, колку тој збор празно звучи) кои капитал не знаат што е, не па капитализам (па и затоа сферата на општествената надградба им е покомотна – таму, за нив, знаењето е субјективно и сите легитимно толкуваат освен тие што не толкуваат како нив). И кога бараат „автентичност”, не можам а да не помислам дека станува збор за чување образ пред господ, било тоа да е Исус, Алах, Фуко, Маркс (ко што мене веднаш tu quoqe би ме обвиниле овие богови на мислата), објективноста, непристрасноста или на што и да се клањаат.

Дел од нив па и ретерираат од самите анти-НАТО ставови. За нив, национализмот е првичната противречност, а Македонија веќе е дефакто влезена во НАТО, што е крајно погрешен заклучок. Јасно е дека земја со испод 2 милиони жители и минорна војска, со смешно низок буџет, чии што граѓани веќе самите на своја рака учествуваат во акциите на НАТО, нема многу да и даде на Алијансата сама по себе. Но, зарем има нешто интелектуално во тоа да се застане со анализата баш тука? Нели е плитко да не се земе предвид дека имаме еден северен сосед кој не е во НАТО? Нели знаеме дека и на нив после ќе им велат, исто ко на нас, дека соседите им се во НАТО?

Дополнително, зарем ќе го игнорираме присуството на кинески капитал на Балканот (16+1, Свилениот пат) против кое САД очајно се бори? Ќе ги игнорираме ли економските аспекти на Преспанскиот договор и ќе заборавиме ли дека Грција е трет најголем трговски партнер на Македонија, после Германија и Велика Британија? Ќе го игнорираме ли фактот дека овој договор директно ги фаворизира Окта, Стопанска Банка и останатиот грчки капитал во Републиката?

Каква е таа интелектуална анализа која не согледува дека со влезот во НАТО, со Преспанскиот договор, со референдумот, ние заземаме страна во оваа битка на капиталот, а не страна против него? Согледуваат ли овие интелектуалци каква порака праќа послушноста и покорноста кон западниот империјализам на секој поробен човек, а каква спротивставувањето? Или не е важно, ајде ние само за жителите во Македонија да си мислиме и гледаме. За нас не менува многу, па ајде, ќе влегуваме во НАТО и официјално, а кога ќе стане жустро, ќе се чудиме зошто никој не ги есапи луѓето овде. Што ќе ни е солидарност, кога го имаме Фуко?

А за анационалните бладања пак, кои најчесто ги повторуваат во склоп со нивното секташење, дали тие воопшто и согледуваат што ќе се случи ако го отстранат националниот мит, идентитет? Борбата против разниот шовинизам кај нив е станат ултрашки, до степен на укинување на структури на кои коренот не им го ни адресираат. Да тие имаа каква било моќ, ние денес ќе живеевме во капитализам сегрегиран на друштва (нации) околу корпорации (капитали), тешејќи се дека нештата се промениле, дека не бил за џабе нивниот активизам, дека не бил резултатот „не по врат, по шија”.

И ова секташење точно ги открива нивните приоритети. Не е важен капитализмот, не се важни војните за профит, не е важен империјализмот. Важен е антинационализмот, важни се некои интервенции во општествената надградба и тоа е тоа. Затоа не им сметаше доволно со Заев да бидат поистоветувани. Тој може е капиталист, ама човекот не вее знаме со сонцето на Вергина, па не мораа да ја напуштат „Шарената Револуција“. Ама сега, кога граѓаните се противат на Преспанскиот договор и на влезот во НАТО, тие се оградуваат од нивното движење.

Епа такви ќе им се приоритетите кога од дрвата не ја гледаат шумата.

Став на Јован Крајевски, член на Централниот Комитет на Левица