ЗДРАВА КОТЛИНА: Народот е со нас и решен е да го сопре рудникот на смртта

Во целост ви го пренесуваме соопштението на иницијативата Здрава Котлина.

Собирот во недела со жителите на Штука само уште еднаш потврди дека ја имаме целосната поддршка од жителите во нашата борба против рудникот на смртта. И не само тоа, целокупната атмосфера на собирот ја покажа решеноста луѓето да ни’ се придружат во нашите активности, кои во најскоро време треба еднаш засекогаш да ја елиминираат опасноста по животот што им се надвиснува на главите на жителите на ова прекрасно село и воопшто на целата Струмичка Котлина. Дојдоа повеќе жители од минатата година, кога ја спроведувавме кампањата за референдумот, и дојдоа без оглед на партиска или било која припадност, заедно да им дадат на знаење на потенцијалните гробари дека нема да поминит преку Штука.

Нашата интеракција со народот е искрена, директна и со отворени карти и нема калкулации. Побаравме од Штучани, кога ќе дојде време, да го прифатат нашиот повик и заедно, со другите села, да му го зададеме последниот удар на рудникот на смртта.
Исто така, побарано е Владата на РМ да ја оствари својата основна функција за заштита на интересите на граѓаните и да ја спречи компанијата Еуромакс Рисорсис да го дестабилизира целиот регион, бидејќи вистината е дека бескрупулозните интереси и заднина на оваа компанија премногу долго го вознемируваат и дестабилизираат Југоистокот на нашата држава.

Лагите на Еуромакс дека народот ги прифаќал, наскоро ќе бидат целосно демантирани и разобличени токму од тој ист народ. Ние сме во постојан контакт со него и наскоро ќе имаме собири и во други села.

РУДНИК НЕМА ДА ИМА!