Умревме на работа!

Пред многу години, луѓето беа приморани да кренат револуција. Судирот меѓу аристократијата и буржоазијата ги притисна пониските класи, а решението не беше можно во затекнатите социо-економски услови. Феудализмот ги изроди своите гробари и светот беше на праг да се видоизмени, но буржоаската класа испаразитира на движењето и на индустриските револуции и завладеа со новиот систем на репресија, кој постепено го заменуваше стариот.

Да се спореди Шарената “револуција” со револуциите кои го тресеа 18 век е, во најмала рака, банализирање на историјата. Но, и во двете ситуации, буржоазијата беше тоа што паразитираше на движењето и завладеа на крајот. Шарените “револуционери” денес се во Владата или си тераат слободно бизнис, а ние крпиме крај со крај, притоа умирајќи некаде при крај.

И тоа буквално умираме, а не во некоја поетска смисла, приморани да работиме во неподносливи услови, по многу часови и со недоволно средства да преживееме. Години ни се земаат од животниот век за да произведуваме стока која што, ем не ни е потребна (константно се произведува повеќе), ем не можеме ни да ја купиме, додека некои ни велат дека поинаку не може да биде. Шарената “револуција” оваа состојба на нештата ниту претендираше, ниту ја промени.

Моментите кога ратата на експлоатација мора да се зголеми за индивидуалните капитали да не бидат апсорбирани од покрупни капитали, се намалуваат платите, се влошуваат работните услови или се зголемуваат цените на стоката, благодарение на тоа што ние не учествуваме во носењето одлуки на работното место. Некогаш само две од овие работи се случуваат, некогаш трите заедно. Тие се моментите кога е најнеподносливо, кога најмногу ваквите услови се одразуваат на нашите животи, а економијата полека завлегува во една од своите циклични кризи. Сето ова е непознато за капиталистите, ниту за ретките подобро ситуирани професии во кои нема доволно голема резервна армија од работници (или, како што милуваат економистите да ја вулгаризираат појавата, каде што побарувачката на работна сила не е презаситена), а на останатите им се сервираат разно-разни реалполитички приказни кои не соодветствуваат на нашата стварност.

Состојбата кулминира со нагло прекинување на работничките животи, што е многу подраматично од спорото секојдневно одземање на животот. Претходното лето, во најголемите горештини, градежни работници умираа, бидејќи капиталистичката машинерија (која што, патем, го предизвика глобалното затоплување) немаше воља да паузира ни во најжешките денови. Годинава, за среќа, уште не дочекавме такви неподносливи горештини, но затоа, во претходниве неколку дена имаме неколку случаи на повреди и смрт на работните места.

Во Агино село, Кумановско, работник беше тешко повреден од лифтот на кој работеше. Исто во Куманово, во фабрика за цевки, работник загина откако метално парче го погодило во градите. Вакви случаи има константно, но дел од нив се кријат, за дел се врши притисок врз медиумите, за истите да не излезат на виделина.

Тоа што секојденевно гинеме не е за занемарување, колку и овие изолирани случаи да се подраматични. За нив, одговорноста ќе се бара кај индивидуи, капиталисти, и во најдобар случај, ќе бидат жртвувани “ситни риби”. И додека ние славиме за овие ситни победи, “ситните риби” ќе бидат заменети и се ќе продолжи по својот терк.

Не се можни ни реформи. Ниту еден закон не може да ја заузда силата на капиталот и незаситливоста за профит. Секој кој тврди поинаку, а многумина тврдат, живеат во некоја утопија која што едвај функционира (ако може така да се нарече тоа живуркање) во империјалистичките земји, како Америка, скандинавските земји, Европа итн. А тоа што некој програмер (добро ситуиран работник) има добри услови, не го менува фактот дека текстилните работнички уште работат во услови од 18 век. Утре и програмерите, кои уживаат моментално, ќе “уживаат” слични услови на текстилните работнички, а некои трети ќе им велат дека се е во ред. Дека ситуацијата се влошува, сведочат многубројните работнички протести периодов.

Доколку е јасно дека интересот на капиталот е причинителот на ваквите појави, тогаш решението е исто така јасно: уништување на капиталот. Црвената револуција, онаа од и за работниците, не може да биде предводена од некој што ги претставува овие интереси. Историјата доволно не научи дека таквите класи само паразитираат на наш грб. Нашата револуција мора да биде насочена против нашиот вистински непријател и сите оние кои се негови претставници и кои не газат во име на профитот. Таа мора да биде во насока на колективизирање на приватната сопственост. Фабриките, претпријатијата – тие се наши, бидејќи ние во нив произведуваме. А ние можеме да произведеме доволно за нас и не мора да работиме по 8 или 12 часа дневно, ниту во нехумани услови кои ни ги загрозуваат животите, за некој да може да лежи по цел ден и да се натпреварува користејќи го својот капитал, кој ние му го создаваме, со нечив туѓ капитал.