Една изборна единица – рефлексија на изворната претставничка демократија

Изборите претставуваат универзален феномен. Нивната универзалност се изразува преку внатрешната феноменолошка димензија на изборите, што се состои од политички-социолошки и уставни елементи. Комплементарни, заедно ја креираат и објаснуваат изборната целосност и ја детерминираат граѓанската моќ во имплементирањето на народниот суверенитет во практиката. Токму затоа, можеме да констатираме дека отсуството на политички избор значи и отсуство и непостоење на мост помеѓу граѓаните и владејачите. А со самото тоа и ништовност на демократијата како политички концепт.

Остварувањето на изборите, зависи од збирот на правила, норми и постапки што се применуваат во изборот на носителите на одредени функции на политичката власт, односно потоењето на изборен систем, кој е основен елемент во претставничката демократија и најважен дел во функционирањето на политичкиот систем во една држава. Тоа значи дека изборниот систем ги содржи принципите и постапките, со чија помош индивидуалните гласови на граѓаните се конвертираат во пратенички мандати.  Класификацијата на изборните системи е навистина богата и комплексна, иако, сите тие, во најопшта смисла можат да се вцврстат во три главни категории: а) мнозински систем; б) пропорционален систем и в) комбиниран (мешовит) систем, а во рамките на секоја од нив се прави натамошна категоризација. При примена на мнозинскиот изборен принцип, или принципот на мајоритет, кандидатот кој ќе освои најмногу гласови, го добива мандатот. Антипод на мнозинскиот модел е пропорционалниот, кој овозможува распределба на мандатите помеѓу политичките партии, во зависност од бројот на добиените гласови во изборната единица. Неговата основна цел е да им се озовоможи на сите политички партии кои партиципирале во изборниот натпревар, колку што е можно поправична распределба на мандатите, сразмерно бројот на освоени гласови. Општо прифатен од земјите со развиена, или помалку развиена демократија, пропорционалниот принцип не го заобиколува и политичкиот систем на Република Македонија. Овој принцип на пропорционално претставништо, во голема мера се диференцира од мнозинскиот и со сигурност може да забележиме дека ја доловува есенцијата на демократијата. Особено компарирајќи го со претходниот модел и оној третиот, во разгранувањето на изборните системи, мешовитиот. Но и покрај тоа, се поставува прашањето: дали овој систем сам по себе ја отелотворува претставничката демократијата,  барем приближно до нејзините постулати?

Изборни единици

Изборните единици се помали или поголеми делови од државната територија во кои се избираат народните претставници, или со други зборови, единици во кои освоениот изборен резултат се пренесува во мандати/парламентарни места. Тие го сочинуваат оној елемент од изборниот систем, од витално значење за изборните шанси на политичките партии и оттука, најдиректно влијае врз резултатите од изборите. Тоа е, меѓудругото и едно од најспорните прашања, кое неретко е изложено на бројни критики и негодувања од политичките елити во една земја, но и пошироката јавност. Изборните единици се формираат врз територијален принцип и во согласност со тоа, нив ги сочинуваат сите избирачи или сите жители на определена територија. При нивното формирање како суштински се земаат следниве критериуми: бројот на избирачи во изборната единица, бројот на жителите во изборната единица и совпаѓањето на изборните единици со административно-територијалната поделба на државата на општини и на други територијални единици.

Иако пропорционалниот модел на некој начин стреми кон ,,цела држава како една изборна единица’’, поголемиот дел од европските држави отклонуваат од основата. Дел поради стравот од плурализација, а со тоа и сериозно ,,занишување’’ на закоравените политички елити  во секоја од нив, а дел поради прагматичноста и територијалните околности. Државите кои лежат на огромни територии, логично е, нивните политички системи да ги адаптираат на реалноста и создадат изборен механизам преку кој пропорционалнот модел ќе функционира втемелен врз повеќе изборни единици. Но, помали држави налик Република Македонија, имаат олеснителна околност и поседуваат флексибилност околу тоа прашање. Тогаш, чуму изборниот систем на Македонија имплицира пропорционален модел со шест изборни единици?

Aномалии на поделбата на државната територија на повеќе изборни единици

а.) поделбата на државната територија на повеќе изборни единици, го доведува во прашање остварувањето на малцинските групи и нивните права

б.) манипулација со изборните единици, особено изразена преку gerrymandering. Политичката власт во една држава, има можност за злоупотреба на инструментите на владеење, преку нив вештачки да создаде изборни единици (онаму каде што етничкиот, демографскиот или низа други фактори се во нивна полза) со цел да се уништат упориштата на опозицијата и се добијат изборите. Би рекле најсвежа и најблиска илустрација на ова е Законот за територијална поделба од 2004 година, за кој по вторпат дотогаш граѓаните на Република Македонија се изјаснија преку референдум, а беше инициран и притиснат од владејачката партија СДСМ. Импликациите од политички манипулативниот и опортунистички-нерационален потег во името на територијалната реорганизација на државата и денес се несогледливи;

в.) поделбата на шест изборни единици, повеќепартискиот систем го претвора во биполарен. Македонија не е исклучок од правилото. Напротив, евидентноста на овој факт, можеби и најдобро се огледува преку политичката сцена во Македонија во изминатите 25 години. Двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, непрекинато ги менуваат своите места во власта, нудејќи многу малку, а не повеќе од популистички, истрошени и опортунистички политики, деструктивни за државата и нејзините граѓани. Следствено на тоа, политичко конструктивната и силна опозиција, како еден од предусловите за ефективна и ефикасна власт, ја снемува од политичката мапа. Наместо тоа, добиваме закоравена и летаргична привидна опозиција. Зошто? Затоа што пропорционалниот модел со повеќе изборни единица на територијата на една држава, ги штити масовните партии од било каква опасност (помали политички партии, граѓански сектор) и им обезбедува континуирана олеснителна околност во функционирањето и делувањето. Знаејќи го фактот дека шансите за учество на помалите политички партии во законодавниот дом, односно нивна партиипација со поголем обем, се минимални и скоро непостоечки, двете најголеми партии не гледаат потреба од политичко зрело, а не политиканско делување, а максималната политичка и морална одговорност останува мисловна именка;

г.) биполаризацијата која се остварува во рамките на пропорционалниот модел со повеќе изборни единици, означува и осуетување на механизмот на контрола што го поседува законодавната власт. Имено, во оваа констелација Собранието не ја извршува улогата на контрола на Владата, туку претставува место за политички калкулации и ,,пазарења’’ на двете најголеми партии, онаа на власт и онаа во опозиција. Во овој случај Владата е таа, која преку своето мнозинство во законодавниот дом, впрочем го поседува и контролира истиот. Ваквиот ,,легален’’ преседан, дотолку повеќе ни дава до знаење дека е време за промена на изборниот модел и враќање на демократијата на народот.

Проблемите што ги израѓа од поделбата на повеќе изборни единици се бројни и разновидни и имаат огромни реперкусии врз демократските процеси, принципи и вредности на една држава.

Демократските предности на  ,,една изборна единица во цела држава’’

Идејата за една изборна единица на територијата на целата држава, се темели на оживотворувањето на демократијата во нејзината вистинска смисла, односно враќање кон нејзините постулати. Многупати нотирана во предизборните кампањи и ветувања на политичките партии, но освен како средство за залажување на гласачкото тело и изнаоѓање алиби пред европската заедница, која години наназад прави притисок на властите во Македонија за конечна промена на изборниот модел, никогаш не е реализирана во пракса.

а.) една изборна единица, може да осигура и поголема инклузија на малцинствата;

б.) приврзаниците на едномандатните единици се целосно согласни дека овие единици обезбедуваат непосреден контакт помеѓу гласачите и кандидатите (мостот помеѓу народот и владејачот, базичен пилар на демократијата). Оваа корелација не се окончува веднаш по завршувањето на политичките избори, напротив, трае и се задржува и после нив;

в.) овозможува поголема застапеност на помалите политички партии, граѓански организациии и здруженија, како и независни граѓани, да партиципираат во власта и полесно ги остварат своите права;

г.) напушањето на моменталниот принцип на поделба, значи и надминување и поништување на бипартизираната политичка сцена. Со зацврстувањето на политичкиот плурализам, автоматски законодавниот дом си ги добива неправедно одземените ингеренции за контрола на Владата, изгубени во пропорционалниот модел со повеќе изборни единици. Разноликоста на Собранието, сочинета од повеќе од два партиски субјекти, секој со својата идеологија и политичка определба, како и потенцијалната вклученост на граѓанскиот сектор во неговата работа, повторно може да го одржува балансот помеѓу законодавната и извршната власт и да застане на патот на секоја законска-политичка отстапка и злоупотреба на Владата;

д.) политичкиот плурализам како еден од основните принципи на демократијата, исто така ќе влијае и врз создавањето политички елити и ќе ги превенира сите облици на доминација. Автократско-тоталитарните тенденции кои имаат плодна почва за развивање преку принципот на поделба на државната територија во повеќе изборни единици, во оваа ситуација ќе наидат сериозни препреки и опонирања. Останатите помали политички партии ќе прераснат во коригирачки и демократски безбедносен фактор.

Како и да е, реформата, пред се на политичкиот, потоа и на изборниот систем и те како е нужна и мора да претрпи длабоки измени, со кои Република Македонија би била една изборна единица. Тежнеењето кон оваа демократска вредност ќе овозможи поефективно и поефикасно развивање на демократската свест и политичката култура воопшто, поголем плурализам, што значи и конечно сузбивање на бипартистичките самоволија, но и поправична и поправедна застапеност на народните интереси и распределба на гласовите добиени на политичките избори.