Работнички бунт низ Македонија

Од независноста на Република Македонија до денес се шири една мантра меѓу работниците, дека тие не смеат да се побунат кога достоинството им е прегазено. „Помина времето во Југославија, кога синдикатите беа силни“ зборуваат луѓето кои ја имале приликата да бидат работници во двата економски система. „Денес нема штрајкови, згаснати се пред да започнат, отпуштени се тие што се бунат, а на сите страни има шпиони“ се пренесува од уста на уста меѓу работниците кои некогаш се чувствуваа како богови.

Скршен е духот на работникот, кој ја најде својата потчинета позиција на работното место, резигниран од можноста за подобро утре. Сервилноста на власта кон странскиот и домашен крупен капитал перверзно го зајакна газдата, а нискиот стандард на работникот го ноправи поткуплив, што силно се спротивставува на работничката солидарност.

Медиумите не помагаат во врска со оваа ситуација. Да се отслика реалноста на секојдневнјиот работник не е доволно сензационално, бидејќи е токму секојдневие и ништо повеќе. Потребно е да се случи поставување или дислоцирање на споменици, за да се стигне на насловните страни. Потребно е да се случи покрупен грабеж за да не заинтересира веста – навикнати сме да сме жртви на секојдневниот легален грабеж.

Но, работникот кој е притиснат до работ, оставен на цедило, кој нема што да изгуби, евентуално се спротивставува на репресијата. А периодов, тоа се случува на повеќемина работници, речиси систематски.

„ФЕНИ“ стана уште една компанија која отиде под стечај, па работниците останаа без работа. Оставени на цедило, организираа протест во Кавадарци. Работниците од „МЖ Транспорт“ го запраа превозот поради неисплатени плати, додека државното претпријатие беше злоупотребувано за полнење на касата на ДУИ. Работниците од „Веибо Груп“ протестираа во Крива Паланка и го спречија изнесувањето на машините од странската инвестиција која пропадна, а слично на нив постапија и работниците во „Зона Трико“ од Виница. Веќе неколку дена протестираат и работниците на „Еурокомпозит“ од Прилеп, на кои им се должат плати и придонеси.

Ова се премногу несреќни „приказни“ за премногу кратко време. Очигледно е дека не станува збор за индивидуална кривица, туку за неефикасна економска политика. Затоа, и револтот не треба индивидуално да се усмерува, туку солидарно, и не само од страна на работниците од горенабројаните претпријатија, туку од страна на сите работници. Тоа што останатите не сме притиснати до тој степен, не значи дека нема наскоро да бидеме. Напротив, честотата на овие случаи покажува дека е голема веројатноста да бидеме во скоро време, што дотолку ја прави неопходна потребата да се стави работничкото прашање во центарот на вниманието и да се покаже широка работничка солидарност.