Подавање со корупцијата

Каков ден!

„Транспаренси интернешнл“ го објави својот Индекс за перцепција на корупцијата за 2017 година, на која Македонија бележи пад за 17 места. Во регионот таа е најниско рангирана, на 107-та позиција, а пред неа се Албанија (91 место), Косово (85 место), Турција (81 место), Србија (77 место), Бугарија (71 место), Црна Гора (64 место), Грција и Романија (59 место), Хрватска (57 место) и Словенија (54 место).

После ваквата поразителна вест, двете најголеми партии во Македонија, владеачката СДСМ и бившата владеачка ВМРО-ДПМНЕ, попознати како сегашниот и бившиот коалиционер на ДУИ, започнаа да ја префрлаат вината за корупцијата од еден на друг.

ВМРО-ДПМНЕ ја искористи приликата да ја обвини СДСМ за корумпираноста во државата. Да повториме: ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше корумпираноста во Македонија. Партијата, која 11 години криминално ја водеше државата, ги празнеше државните каси и го крадеше народот, сега се однесува ко да нивното владеење никако не придонело да ние го имаме тоа ниво на корупција кое го имаме денес.

СДСМ не можеше да одолее и уште еднаш за виновник за ситуацијата го посочи ВМРО-ДПМНЕ. Секако, ВМРО-ДПМНЕ имаат голема одговорност за високото ниво на корупција во државата, но да не заборавиме, овој извештај е од 2017 година (кога СДСМ дојде на власт) и покажува пораст на корупцијата, а не пад. Барем да останеше нивото исто како и претходно, па да се вадеа повторно на ВМРО-ДПМНЕ.

Надреалноста во реакциите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ совршено ја доловува пропагандната стратегија на двете партии: ВМРО-ДПМНЕ се однесува како никогаш да не биле на власт, СДСМ се однесува како ВМРО-ДПМНЕ се уште да е на власт. Ние барем знаеме дека полека, но со ваквите политики сигурно, сме упатени кон дното. Останува уште да одлучиме дали ќе се селиме, ќе бркаме врски за тендер или ќе се откажеме, наместо од нас, од овие партии.