Уставниот Суд го укина нормираниот учинок
На седницата одржана на 18 април Уставниот Суд на Македонија го има укинато „нормираниот учинок“ или поточно член 2 став 1 во делот: „и исполнет нормиран учинок“ и ставовите 2, 3 и 4 и член 7-б ставови 1 и 3 од Законот за минимална плата во Република Македонија.
Овој закон, како што е веќе познато, беше оспоруван и пречекан со голем број критики, особено од организации кои ги претставуваат работниците. Меѓу нив најгласни беа работничката партија Левица и организацијата „Гласен текстилец“ предводена од Кристина Ампева. Критиките наидоа на „глуво уво“ кое станува типично за оваа елитистички настроена влада, која налик на нивните предходници, цврсто стои на страна на бизнис заедницата. Како резултат на ова беа поднесени две иницијативи до Уставниот Суд, кои кога се работи за исто прашање, вообичаено се спојуваат во една, едната иницијатива од правниот тим на Левица другата од правниот тим на ССМ.
Уставниот суд на Република Македонија постапуваќи по покренатите иницијативи ги укинува спорните точки. Како објаснување за оваа одлука судот ги смета точките како нејасно и непрецизно опишување на регулацијата која законот се труди да ја востанови. Со тоа му се дава на работодавецот премногу слобода за злоупотреба што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото, а со тоа и правната сигурност на граѓаните, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Покрај нормираниот учинок кој судот, а не коалицијата предводена од СДСМ, го укина, останаа и други проблематични точки во законот. Една од тие е износот на минималната плата, кој не е ни приближно висок колку што беше најавено со предизборните ветувања. Другата доста проблематична работа е тоа што законот предвидува државата да субвенционира дел од зголемувањето, а со тоа да им помогне на „кутрите“ газди да можат непречено да си ја продолжат експлатацијата на работниците.