Ванковска: Моите ставови ќе бидат драстично различни од ставовите на останатите кандидати

Имаме собрано речиси 5.000 потписи, веќе сме на половината. Правиме напори да ги собереме пред да почне гужвата на големите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беспотребно ќе прават гужва, вели во интервју на А1он универзитетската професорка Билјана Ванковска, која собира потписи како кандидат за Претседател од партијата Левица.

„Ќе се разликувам од сите кандидати како блок, во сите оние надлежности кои се предвидени за претседателот. Мислам дека еден малку поинаков стил на третирање на институцијата, водење и нормално претставување на државата, она што мислам дека досега најпоразително е тоа што се претставуваме како мали, безначајни, со подвиткана кичма. За мене е непростлив правен гаф или свесно заобиколување на Уставот начинот на кој беше потпишан Преспанскиот договор, тоа е надлежност на претседателот. Претседателот треба да си ги врши уставните надлежности и не биде приврзок на владата и послушник. Јас верувам во моќта на човекот, во интегритетот на човекот. Тука имаме власти кои се глуви и слепи секогаш кога ќе седнат на позициите“, вели Ванковска.

За ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека има опозиција која глуми опозиција и собира потписи преку СДСМ и ДУИ, вели дека ваквите пораки се дрски, арогантни и недемократски, односно дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги девалвира сите други учесници во трката за претседател.

„Тие тргнаа со една опасна матрица, дека „пленот е само наш“ и дека секој оној којшто ќе се обиде да си го оствари своето демократско право да учествува во изборите, без оглед на тоа со каква програма, дека е натрапник, дека е дистрактор, дека нешто им одзема од „големата победа“, не знам кого мислат да победат. Мене ми ја налепија етикетата дека ќе ми собираат потписи и дека целата моја улога е инструментална, нешто да соберам и нешто да подарам. Тоа нема да се случи. Застрашувачки е дека онаа партија која според сите мерења води, како да не научила ништо во периодот во опозиција. И ова месијанско однесување како „ние сме тие и никој друг“, не ми ветува демократски и фер процес. Јас сум веќе мета на напади, дури и потсмевања. Сакаат да го девалвираат учеството на сите останати. Подобро би било да си го скротат оној жар и желба за власт, бидејќи грдо делува. Ако одев на сигурно ќе одев со голема партија, јас одам со т.н. „лузери“, односно така ги презентираат. Мислиме дека ваквите пораки се дрски, арогантни, недемократски“, додава Ванковска.

Според неа, на граѓаните им треба човек кој ќе биде гласен, со став дека кога се крши Устав и закон, претседателот врши сосема други церемонијални работи.

„Јас сум решена дека оваа позиција е девалвирана од начинот на кој била досега вршена. Иако сме парламентарна демократија и тоа многу хибридна и деформирана со партиско-етнички трибални елементи, мислам дека претседателот тука може многу да внесе како една личност и институција која ќе може да се обрати и на Собранието и на владата, затоа што некои ингеренции ги делат. Јас ќе се мешам во моите надлежности и нема да дозволам владата или министерот да ме извести дека потпишува некаков договор. Тврдам дека може да се промени Преспанскиот договор, но нема да кажам сега како. Ништо не е вечно, ниту Преспанскиот, ниту Рамковниот договор. Ако мислиме дека не може ништо да се промени, тогаш сите во Вардар“, кажа Ванковска.

Собранието според Ванковска би значело враќање наназад и киднапирање на политиката од рацете на граѓаните во рацете на етничките елити. За Европската Унија смета дека е во длабока криза и не знае дали е приврзок на НАТО или ќе прави сопствена војска.

„Ако беше така, Украина никогаш немаше да почне преговори. Како може држава која е нефункционална да биде подготвена за преговори, а ваму Македонија поради Преамбулата да не е. ЕУ си ги крши своите принципи, милион пати ги има прекршено. Ако Македонија покаже гард, тогаш ќе се преиспитаат дали Македонија им е потребна во својата геостратешка политика“, посочува Ванковска.

Погледнете го целото интервју со кандидатката за претседател од редовите на Левица, универзитетската професорка Билјана Ванковска на А1он.