Имавте 5 години да ги смените исправите! Грција ригорозно го спроведува Договорот од Преспа

Нашите односи со Северна Македонија се наоѓаат на исклучително задоволително ниво, билатералните односи се развиени во последните пет години, многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика, но, мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис одговараше на пратеничко прашање на пратеничката од СИРИЗА Рена Дуру околу трите меморандуми за соработка со Северна Македонија кои од 2019 година сè уште не се донесени во Парламентот за ратификација.

– Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во Парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа, рече Герапетритис.

Уште еднаш повтори дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните, посочи дека грчката Влада внимателно го следи спроведувањето, а паралелно детално се осврна и на промената на пасошите, за кое посочи дека „сè уште не постои целосна усогласеност“.

Појасни дека „прилагодувањето на патните исправи е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.

– Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблици на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија – рече Герапетритис.