Сојузот на стопански комори бара либерализација на поштенските дејности

После можната приватизација на железниците во Македонија, Сојузот на стопански комори (ССК) се огласи по прашањето со поштите. Тие бараат да се либерализираат поштенските дејности. „Што поголема либерализација по можност за учество на повеќе компании на слободен пазар, дава можност за обезбедување на поквалитетни услуги за сите клиенти на поштенските услуги. Подобро е кога имаме еден либерализиран пазар.“ – вели Александар Милошевски, потпретседател на ССК.

ССК е онаа перверзно лоша цреша на скапаниот неолиберален шлаг во кој транзитираме во овие 27 години. Сојуз на капиталисти, кој всушност функционира и заговара како повеќе да профитира на грбот на работниците, додека синдикатите (ССМ) го овозможуваат овој процес глатко, кажува многу за времето во кое живееме.

Аргументацијата на ССК е онаа стара, стандардна, излитена и докажана како погрешна аргументација. Тие, секако, се повикуваат на „експертски“ анализи кои не гледаат подалеку од рамките поставени од нивната формална едукација, која го назначува профитот како алфа и омега на производствениот процес. Либерализацијата на овој пазар, доколку помине легално (што би било преседан во Македонија), нема да донесе драстично зголемување на квалитетот на поштенските услуги на долгорочен план. Напротив, монополот кој сега е во државни раце, евентуално ќе премине во приватни раце, иако на почетокот ќе постои илузијата на конкурентност. Самиот потег нужно ќе доведе до зголемување на цените на услугите и намалување на квалитетот на условите за работа, во име на зголемување на профитот.

Јасно е дека состојбата на државниот сектор не е сјајна. Корумпираноста и бирократизацијата се на високо ниво, што бара квалитативна промена за државните претпријатија да профункционираат во корист на граѓаните. Но, таква промена е невозможна со сегашната Влада, која како и сите претходни во овие 27 години, е сервилна кон крупниот капитал.