Државни средства го полнеле буџетот на ДУИ

„Транспаренси интернешнл“ разоткри скандал со злоупотреба на буџетските средства од страна на партијата ДУИ. Спротивно од законот, на листата на донатори на политичката партија ДУИ во 2016 година се јавуваат и јавни претпријатија, меѓу кои се АД „Македонска пошта“, АД „Аеродроми на Македонија“ и ЈП „Македонски железници – инфраструктура“.

„По анализа на годишниот извештај за членарини до донации за 2016 година, ‘Транспаренси интернешнл – Македонија’ забележа дека на листата како донатори се јавуваат и претпријатијата АД ‘Македонска пошта’, АД ‘Аеродроми на Македонија’ и ЈП ‘Македонски железници – инфраструктура’, што е спротивно на одредбите од Законот за спречување  корупција и Законот за финансирање на политичките партии. Поради тоа на 10.05.2017 година се обративме до Државната комисија за спречување  корупција како надлежна за постапување во вакви случаи“, велат од „ТИ-М“.

Периодов, железниците во Македонија се најдоа во лоша економска состојба, а започна да се разгледува и опцијата за нивно приватизирање. ДУИ, која е дел и од оваа Влада, е еден од причинителите на таквата лоша состојба на железниците во Македонија, трошејќи го нивниот буџет за сопствени политички цели. Последиците на таквото поведение сериозно и наштетуваат на Република Македонија по неколку основи.

Пред се, очигледно станува колку е подлежен државниот апарат на корупција и колку е ниско нивото на транспарентност, кога партијата која што е дел од власта успева самата на себе да си преалоцира буџетски средства. Со еден ваков потег, под знак прашање се става и легитимноста на претходните избори, на кои ДУИ освои 10 пратеника.

Потоа, се присилува распродажба на јавните добра, која се покажа крајно неисплатливо за граѓаните во последните 27 години, со тоа што се празни нивниот буџет на нелегален начин и со тоа што се зголемува перцепцијата за корумпираност во раководењето на државните претпријатија. А распродажбата на јавните добра, како што ни покажа нашето искуство и историјата на другите земји, е тешко повратлив процес.

Со вакво криминално поведение, ДУИ не смее да остане ни парламентарна партија, а не пак партија која е дел од власта. Ова е само уште еден показател дека ДУИ воопшто не се поразлични од нивниот поранеше колиционен партнер, ВМРО-ДПМНЕ. Моментално, СДСМ мора да се избори против можната приватизација на железниците, да започне со спроведување на реформи во насока на отстранување на високото ниво на корупција во државниот апарат и да раскрсти со политиките на ДУИ. Во спротивно, тие очигледно стануваат нивни соучесник.