Еден глупав осврт за Први мај

Неколку дена после Први мај, во јавноста започна да кружи колумната на Синоличка Трпкова која перверзно ја патетизира општествената позиција на владеачката класа (капиталисти). На прв поглед, текстот не заслужува никаква критика – по само неколку прочитани реда, од вулгарното поимање на економските појави со цел да се даде едно етичко оправдување за самото постоење  на нејзината сопствена општествена позиција, јасно станува дека авторот е комплетно некомпетентен да коментира на темата (нели, за либералните ликови како неа, компетентноста и експертизата се најважните фактори кои даваат тежина на аргументацијата). Но, после 27 години активно затскривање на класниот корен на општеството од страна на владите( слуги на крупниот капитал) јасна станува потребата да не се премолчи, туку остро да се критикува секоја една ваква небулозна колумна.

Уште од самиот почеток, оваа кратка бурлеска што обидува да се претстави како морално издигната, надкласно свесна анализа (ако може анализа да се нарече ова купче реченици), започнува да гради теза која нема допирна точка со фактите на реалноста, небаре самата не живее на оваа планета. „Но, приказните за ‘ужасот’ во текстилот треба да се чујат и од другата страна – од онаа на ‘газдите‘“, вели таа, за подоцна бесрамно да ја поткрепи својата анализа со нејзиното лично искуство („ја познавам и фабриката и работниците, зашто живеев и самата од почетокот до крајот во оваа приказна“). И тука е очигледно дека таа или е искрено неспособна да ја согледа реалноста или дрско се обидува да се претстави себе си и своето семејство семејство како страдалци од калибарот на најнископлатените работнички, тие од текстилната индустрија. Дали Синоличка, на која толку многу и е тешко од „другата страна“, би се сменила, макар на недела дена, со една текстилна работничка? Дали би земала, макар на недела дена, плата од 200 евра (ако има среќа да не и бидат парите побарани назад од газдата)? Или полесно е да се трескаат вакви глупости дур безгрижно се седи во топлината на домот изграден од вишокот-вредност создаден од работниците?

„Ги разбирам и нивниот активизам и идеологија, но, за жал, тоа нема да ја подобри многу позицијата на работникот, без соочување со суштинските проблеми за коишто не се зборува“, продолжува таа, откако во неколку пасуси излитено објасни дека и „инвеститорите преземале ризик“. Капиталистите, заедно со работниците, губеле – ДА, но дали некогаш, некаде, во капитализам, работникот добил? НЕ. Еден капиталист може да предизвика друг капиталист да ја изгуби инвестицијата, како што Синоличка вешто забележува укажувајќи на непредвидливоста на пазарната економија, но сигурно работникот нема да профитира од таквата ситуација. Во најдобар случај на работниците на капиталистот-победник ќе им биде дозволено да му го создадат нему неговиот профит за мизерни плати.

И ако Синоличка сака да се соочиме со суштинските проблеми, слободно може да се соочи со капитализмот, како социо-економско уредување кое го овозможува владеењето на капиталистичката класа врз работничката. Погоре споменавме дека капиталистите им дозволуваат на работниците да им го создадат својот профит за мизерни плати. Но, реалноста е дека не е важна колкава е платата – таа секогаш ќе биде помала од тоа што работникот вистински го создал, бидејќи доколку не е така, капиталистот нема да успее да профитира. И таа плата секогаш ќе биде што е можно помала (колку што дозволуваат биолошките и културните услови), затоа што поголем профит не е само цел на алчните, туку нужен за секој капиталист да продолжи да биде капиталист, а не да биде победен од конкурентот капиталист. И додека овој систем постои, работниците ќе добиваат само трошки, додека се опресирани од капиталот.

Персонификацијата на капиталот во капиталистот, а со тоа и неговата улога на угнетувач, е таа што Синоличка вешто го затскрива во своето писание, за да го ублажи судирот меѓу двете спротивставени класи во општеството. Претставувајќи го капиталистот (себе си, мажот и) како уште еден обичен човек, таа се обидува да ги префрли симпатиите кон угнетувачот, до тој степен што заклучува дека „сигурно ќе чуете и прочитате поинаква верзија на оваа приказна, во која ‘газдата’ – директорот, ќе биде виновен за сѐ“. Капиталот е виновен за сѐ, па затоа и капиталистот е, како негова персонификација. А Први мај не е ден само против таа една персонификација, туку против целиот систем како целина. Тоа е ден во кој работниците бараат поголеми права, не затоа што правата се цел, туку затоа што се средство – средство за конечна нивна власт во општеството. И затоа ќе се бориме против секој капиталист како прв и последен угнетувач на работникот. И овој, и секој следен Први мај, и секој друг ден од годината, до нивниот неизбежен пад!