Распродажба на слободата

Во Република Македонија повторно се актуелизира прашањето на приватизацијата на јавните добра и уште еднаш ја покажува економската краткогледост на Владата. Уште во јуни годинава, низ медиумскиот простор се појавија разни апологии на можната приватизација на железниците, а претходната недела, во предлог Законот за енергетика, се појави крајно спорниот член 239 кој предвидуваше малите хидроцентрали, по истекот на половина од рокот за концесија, да можат да прејдат под приватна сопственост на концесионерите. Најпосле, членот беше отстранет од конечниот закон, но тоа не значи дека приватизација на останати јавни добра нема повторно да се понуди.

Апологиите на приватизацијата се разни, но најчесто се потенцира неефикасноста на претпријатијата под државна сопственост, намалувањето на цените на продуктите и услугите со цел поголема нивна достапност и полнењето на државниот буџет. Дополнително, под празната парола за „економска либерализација“, која, без никаква аргументација, вешто инсинуира дека додека одредени претпријатија се под државна сопственост, тие не се слободни, приватизацијата се гледа како неопходен чекор за комплетирање на долгогодишниот транзитивен период кон капиталистичка економија.

Да започнеме со неефикасноста на претпријатијата под државна сопственост. Јавно е прифатено дека таа произлегува од непотизмот и партиските вработувања кои станаа секојдневие во Република Македонија. Но, приватизацијата на јавниот сектор воопшто не го решава тој проблем – напротив, таквиот чекор е само бегство од истиот. Доколку се приватизираат железниците, на пример, тоа нема да го искорени партиското вработување во јавната администрација, ниту пак во државното здравство, државното образование итн. Овие проблеми со кои се соочува македонскиот државен апарат мораат да се разрешат пред да се дискутира дополнителна приватизација, бидејќи доколку тоа не се случи, ќе дојдеме до момент каде што само Владата нема да биде приватизирана, а непотизмот и партиските вработување сѐ уште ќе бидат присутни.

Понатаму, намалувањето на цените на услугите и продуктите можеби делува како логична последица на приватизацијата, но тоа е погрешно поради неколку причини. Пред сѐ, со приватизација на одреден сектор нужно се јавува потребата за што поголем профит на компанијата – нешто што не е својствено за компаниите под државна сопственост. Погледнете го образованието, на пример, кое се појавувава и под државна, и под приватна сопственост. Приватните факултети се драстично поскапи од државните, бидејќи мораат да остварат профит. Вистина е дека во одредени гранки функционира Регулаторната Комисија, чија задача е да ги регулира цените на продуктите/услугите, но таа во минатото се покажа комплетно неефективна во обидот да се спротивстави на интересот на газдите. Зошто би мислеле дека сега приватизација на железниците би ја смалило цената на превозот со воз? Впрочем, цената на продуктите и услугите прво ќе се накачи поради потребата за профит, пред да започне конкуренцијата занемарливо да ја намалува. Понатаму, доколку станува збор за јавно добро од монополски карактер (како што беше ЕВН, а како што се и железниците), недостатокот на конкуренција ќе предизвика и дополнително зголемување на цената.

Кога пак станува збор за полнење на државниот буџет, приватизацијата е еднократна мерка на сметка на долготрајните придобивки. Впрочем, двете најголеми партии досега се покажаа како крајно неефикасни во полнењето на буџетот, со тоа што, ВМРО-ДПМНЕ низ своето владеење го зголемуваше јавниот долг, а СДСМ ги распродаваше јавните добра. Двете мерки привремено ја подобруваат состојбата на државата, од што профитира партијата која што е на власт. Да се откажеш од долорочни профити во државниот буџет само за моментално да ја стабилизираш ситуацијата (и да се покажеш како добар владетел, за да добиеш уште еден мандат) е крајно неодговорно. Да, продажбата на железниците или хидроцентралите сигурно ќе го наполни буџетот сега, но за десет години, кога можниот профит од тие железници веќе нема да иде во државната каса, туку дуплиран ќе иде во рацете на газдата што ги купил, тој ќе биде попразен од било кога и тоа ќе се одрази погубно за останатите јавни добра. Тогашниот низок буџет ќе значи помалку средства достапни за државното образование, државното здравство, за патиштата, против загадувањето итн., што ќе се одрази со полоши услуги/намалена достапност на услуги во секое едно од овие полиња.

За крај, потребно е да се нагласи дека празната парола за економска либерализација не треба да се користи како синоним за економски прогрес или со неа да се инсинуира поголема човекова слобода, бидејќи логичка конзистентност во таквото резонирање не е понудена. Впрочем, емпириски гледано, многу земји од Европа и пошироко имаат доста големи и силни јавни сектори, а на нив воопшто не им се припишуваат епитетите за економска уназаденост, како што е случајот со Република Македонија. Како пример, во Велика Британија веќе се зборува и за национализација на железниците и поштата (процес обратен од приватизацијата), нешто за што се залага Џереми Корбин од Лабуристичката партија.

Приватизацијата на јавните добра е богатење на поединци од приватниот сектор, на сметка на сите граѓани на државата. Особено кога се работи за приватизација на клучни сектори во националната економија како и експлоатирање на природни добра и ресурси со цел задоволување на одредена јавна услуга клучна за квалитетот на животот во државата, при приватен менаџмент во овие дејности доаѓа до приватно присвојување на добивките, а социјализирање (јавно излевање) на нус појавите. Навидум, приватизацијата изгледа одлично на почетокот, но цената за истата се чувствува години подоцна. Со приватизацијата јавно се распродава слободата, а не се зголемува (како што тоа често се пропагира со излитени пароли), и тоа е неопходно да се увиди пред национализацијата (која што е многу потешка од приватизацијата) да ни стане единствен излез од неизбежната економска пропаст.