Неуспешна приказна: приватизација на железниците

МЖ транспорт со години се наоѓа во незавидна положба. Долговите на железницата веќе достигаат 80 милиони евра, вработените во декември го блокираа транспортот поради неисплатени плати од октомври (иако менаџментот има пари за авионски билети од 1,2 милиони денари), а веќе некое време во етерот се „шепоти“ за можна приватизација на железниците, како единствено трајно решенение на проблемите.

Вчера, ресорниот министер Горан Сугаревски, за ТВ24 и официјално изјави дека Владата размислува за приватизација на железниците, како едно од можните решенија за проблемите на претпријатие. Со приватизацијата се очекува дека ќе се намалат давачките на државата за оддржување на железниците, дека ќе се намалат цените на превозот поради конкуренцијата и дека ќе се зголеми ефикасноста поради мотивот за профит.

Нашата Влада не е прва која што размислувала на ваков начин. Ние веќе пишувавме за ефектот кој приватизацијата го има врз луѓето и економијата, па сега подетално ќе го разгледаме можното приватизирање на железниците, кое тогаш само го спомнавме.

Настрана познатата стратегија на приватизација на јавните добра за краткотрајно полнење на буџетот по која е позната СДСМ, конкретната приватизација на железниците е идеа која се спроведе во Велика Британија, како дел од пакетот неолиберлани реформи кои Маргарет Тачер ги спроведуваше (иако, самите железници беа приватизирани откако таа замина од својата позиција премиер, преговорите се започнати во нејзиното време). Со текот на времето, ваквиот потег се покажа како крајно неефикасен и крајно непопуларен кај јавноста.

Пред се, идеата дека давачките на државата за оддржување на железниците ќе се намалат се покажа крајно погрешна. Трошокот од 1 билион фунти кои Велика Британија го имаше во 1980-тите за железниците, во 2007 година веќе изнесуваше над 6 билиони фунти, овој пат во форма на субвенции кон приватните сопственици на железницата. Впрочем, порастот на ефикасноста се должеше токму на овие субвенции, а под пораст на ефикасноста мислиме на исполнување на стандардите за безбедност. Интересно е токму тоа што за исполнување на новите безбедносни стандарди наметнати од страна на Владата беа потрошени пари кои беа субвенционирани од страна на Владата. Потсетува многу на политиките кои се најавени од нашата Влада (како што е субвенционирање на приватните компании кои ја исплаќаат новата минимална плата).

А кога сме кај приватните сопственици на железницата, тие и не се така многубројни, за да се развие конкуренција која ефективно ќе ги намали цените на превозот. Причината за ова е многу едноставна: железниците се природен монопол и самите не трпат либерализација. Затоа денес железниците во Велика Британија се поседувани од 5-6 компании кои заедно соработуваат и не ги намалуваат цените на билетот.

Впрочем, тие не само што не ја намалуваат цената на билетот, туку и со додадениот мотив за профит, тие посегнаа по нејзино зголемување. Од 2010 до 2016 година, цената на билетот се покачила за 25%, додека неделната заработувачка на луѓето се покачила само за 12%. Брзината со која расте цената на билетот е двојно поголема од брзината со која растат платите на луѓето, а ефикасноста на железниците не се зголемува (патниците се жалат поради зголемено доцнење на возовите, нивната преполнетост, небезбедноста после контроверзниот судир во Хетфилд во кој четворица загинаа, а седумдесет луѓе беа повредени).

Во Велика Британија, откако приватизацијата на железниците се покажа како огромен неуспех, Лабуристите веќе размислуваат за нивна ренационализација. Ние треба да научиме, ако не од многуте приватизации во нашата земја кои се покажаа како крајно неефикасни, тогаш од оваа конкретна приватизација во Велика Британија, а од СДСМ, како партија која идеолошки треба да е поблиску до Лабуристите, а не до Конзервативците кои ги спроведуваа тие приватизации (партија што е идеолошки поблиску до ВМРО-ДПМНЕ), треба да очекуваме политики кои ќе се спротивстават на приватизирањето, а не обратното.