Oставина – Mакедонштино, коцката е фрлена! – Победничкиот говор на XXV Ораторска вечер ,,Иво Пухан”

  • Студентот на Мастер студиите по уставно право – Данило Крстовски (Данило Крстовски) е победник на XXV Ораторска вечер ,,Иво Пухан” на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје. Во прилог ви го пренесуваме победничкиот говор во целост.

Невистина. Небрежност. Неспокој. Накусо резимиран односот кон македонштината либералниве децении. Bellum omnium contra omnes. Војна на секој против секого. Или поконкретно, војна на своите против своето.

Погледнете околу нас. Популистичкиот моментум е сличен. Висока корупција, непотистички династии, партизирана и поларизирана држава, наплив на илиберални тенденции. Но разликувањето меѓу тоа што е државно уредување, а што душа на нацијата останува непроменето.

Постои јасна диференцијација на крутиот естаблишмент со духовното обележје на народите. Поврзаноста на луѓето со своето битие и минато останува минирано поле за политикантска интрузија.

Ве предизвикувам да најдете Хрват за кого Далмација е италијанска. Најдете ми Србин за кого Косово е република. Албанец за кого „Косово е Србија“. Најдете Грк кој е согласен оти Егеј е неправда. Најдете Бугарин за кого Пирин е македонски. Но затоа, во нашето Скопје, центар на квазилибералниот Балкан, врзопот сами си го ткаеме, ровот сами си го копаме.

Велат дека национализмот и патриотизмот се клетвите на Балканот. Тогаш зошто сме само ние заморчињата и притоа сите да профитираат, освен нас? Лагата кажана илјадапати станува вистина. Ние вистината ниту десетпати не си ја повторуваме. Денеска чинам вистината станува налик како правдата, еден недопирлив, филозофски идеал. Но, била идеал или не, да ја негуваме, за да еден ден не чуеме дека Македонско девојче на Јонче Христовски е позајмена бугарска песна.

Младината е авангардата на развојот на општеството. За мојата генерација велат дека е наједуцираната до сега. Но тоа не е подвиг кога сме заробени од консумеризмот и псевдо-интелектуализмот. Кога сме оковани во вечната робија на негативната селекција. Кога сме заѕидани како по уште некоја тула во ѕидот. Затоа битката на мојата генерација е толку важна. Како никогаш до сега ги препознаваме синџирите кои ни ги наметнуваат, како туѓите, така и нашите.

Чувствуваме револт за дисфункционалниот правно-политички систем, елитизацијата на клептократите и владеењето на просекот. Се стремиме за квалитет во образованието, а не безусловен квантитет.

Нашата оставина не е конформизам, песимизам и летаргичност. Сиот век, освен слобода или смрт, друга апсолутна вистина не сме препознале. Целата страдалност, угнетеност, напатеност сме ја преточиле во непокор и неотстапка. Во крушевската смелост, асномската истрајност и дисидентската објективност. Во Сердарот на Прличев, Тешкото на Конески, Пирејот на Андреевски, Македонија на Поповски. Не заборавајќи ги зборовите на големиот Горан Стефановски – „не може баш се’ да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас“!

Mакедонштино, коцката е фрлена! Да се ослободиме од канџите на невистината, небрежноста и неспокојот. Да се почитуваме себеси, за и другите да не почитуваат! Да си ги воочиме мааните, но и да ги искористиме доблестите! Криво да седиме, а право да судиме! И гордо да опстоиме на тезата: ние овчари сме, но просјаци не!”