Пред и по „ситнењето на отпорот“

Се сеќавам на почетокот на април, лани… (Некои од вас сè уште ги паметам по гајбите пиво и „Милка“ чоколадата на кои се кладев.) Тогаш ги влажневте гаќите на тоа дека Ж ке оди во затвор, дека на Триумфална ќе има бројчаник, дека ќе престанат етничките тензии… Се сеќавам, се кладев. Оти тогаш сè уште велевте дека ние го ситниме отпорот, дека сме продолжена рака на Ж, само за да ја заебеме математиката за изборите.

Оттогаш помина цела година. Сега го нема Тодоров, но на гинекологија сè уште умираат бебиња. Проблемите во Речица се решаваат со калашникови, а етничките тензии се повисоки од кога било досега. Минималната плата е по норма која ја определува газдата (порано му враќаа на рака, а сега самиот може да им скрати). Извршителите ќе добијат нов закон, кој ке им го смени тарифникот, но само толку, оти, на 60 милиони евра профит, можеш да си купиш закон. На Триумфална нема бројчаник, Ж не е во затвор, а, очигледно, нема ни да биде.

Во меѓувреме, се продлабочи дупката во пензискиот фонд, се задолживме повеќе, видовме како 5 министри трошат 55 000 евра за 4-5 месеци, по кафеани, се разбира. Не се намалија патните трошоци, не се укинаа апанажите. Не добивме една изборна единица, не се намали бројот на министри. Нема ни трага од намалувањето на бројот на пратениците (што беше ветено пред изборите). За пописот – тишина. Се направи нова дупка, поради која ќе страдаат образованието и здравството, оти нивниот буџет е намален. Затоа, пак, зголемен е оној за одбрана. Оти, нели, треба да сме во НАТО. ЕУ, која отворено ни кажува дека нема да влеземе до 2025 година, не се ни потруди да нè заштити од санкциите на САД, поради кои, сега, 15 000 луге во државава ќе останат без работа. Грчките фирми што декларираат банкрот во Грција се преселуваат кај нас и, тука, за минимална плата, без никакви работнички права, прават профити, кои во нивната родна земја би биле незамисливи. Синдикатите не ги бранат работничките права, па дури не се ни трудат да излезат на Први мај. ММФ се труди да ни го скрати породилното отсуство, да ни ја зголеми границата за пензија.

Драги мои, ние го ситневме отпорот, ама вие, вие сега треба да живеете со својата грешка.

Оти на местото на Ж… го донесовте Ж.