Работниците во Скопски Пазар уценувани да не си ги бараат платите

По излегувањето на работниците во јавност со цел да се пожалат за некоректниот третман во Скопски Пазар, тие биле викани на средби со раководството на кои им се упатувани закани и уцени. Раководството со уцените пробува да ги спречи работниците да ја искажат својата мака и да се борат за подобри услови па затоа дури се упатени и закани дека ќе отпуштаат „непослушни“ работници.

Еден од работниците изјави: „Раководството на фирмата повика некои вработени и прво ги прашувале кој им дојавува информации на новинарите за состојбата со платите и придонесите. Потоа имало и закани дека целата работа може да дојде до отказ. Но, овој пат ние ќе се обидеме да останеме единствени и ако некого избркаат за тоа што јавно реагираме за неисплатени плати и придонеси ќе ги блокираме пазарите“

Работниците се доведени во состојба на крајно газење по нивното човечко достоинство. Платите им се исплаќаат делумно. Како што изјави друг работник: „Прво ни исплатија 45 отсто од јануарската плата, потоа 15 отсто, па уште еднаш 15 отсто и вие знаете колку е тоа понижувачки. Одам секој втор ден да извадам од банка по 2 800 денари. А колегите кои имаат кредити не можат ни толку да земат оти им се стопираат во банката. Не е ли срам да бидеш на ниво на задачата, а раководството да те подлажува со по 2 – 3 000 денари?“

Тие сепак се одлучни и на компанијата ѝ е зададен рок: „Ние дадовме рок до 15 април да бидат исплатени сите плати, но со вакво темпо тешко дека ќе дојде до тоа. Дополнително, освен платите немаме придонеси за здравство, и тоа треба што поитно да ни се плати. Ако ни се платат придонесите за февруари ќе успееме да имаме осигурување за тековниот месец април, но се потешко веруваме во тоа. Пред неколку денови еден колега требаше да ја носи сопругата на снимање и му побарале 400 евра за приватна интервенција, и како да плати?“