Решението за уривање на дивоградбите под Радика поништено, инвеститорот ќе гради 87 типски објекти

Иако уште на 15 септември беше издадено решение за уривање на девет куќи под хотелот „Радика“ кај селото Леуново, Маврово, кое беше извршно и по кое никој не постапи, по поднесената жалба од инвеститорот, второстепената комисија на Владата го поништи ова решение.

Комисијата утврдила повреда на постапката од страна на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше. Согласно ова, жалбата на инвеститорот „Радика ресорт“, чиј сопственик е косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби, била прифатена.

Според планот на инвеститорот, треба да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала. До сега под хотелот Радика се никнати 17 вили, од кои девет се во фаза на изградба.

За случајот со деветте дивоградби на инвеститорот „Радика ресорт“ поднесени се и три кривични пријави. Според решението донесено во септември од градежниот инспектор на Општина Маврово Ростуше, инвеститорот нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите.

Дивоградбите не беа отстранети, ниту од инвеститорот, ниту од локалните власти, напротив, инвеститорот продолжи со изградбата и покрај издаденото решение.

Второстепената комисија на Владата оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметот на повторно одлучување.