За усулот и доблеста
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Ставот е реакција на текстот „Груб и дилетантски проект – ‘Скопје 2014’“.
Отворено писмо до Проф. д-р Владимир Величковски
Почитуван професоре,
Со леснотија ќе утврдам дека нема ништо спорно во Вашиот текст со наслов „Груб и дилетантски проект – ‘Скопје 2014’“ објавен на 29 јули 2017 година, во дневниот весник Слободен печат и потоа пренесен на веб-страницата на Плусинфо. Точките што ги издвојувате, а се однесуваат на проектот „Скопје 2014“ се, навидум, општи места кои се или би можеле да бидат лесно препознатливи за поголемиот дел од јавноста. Сепак, ако не повеќе од тоа, барем во рамките на професијата, во рамките на пристојното однесување, во рамките на коректноста и научната акрибија, би било редно да истакнете дека сите елементи што ги изнесувате во „вашиот“ текст се преземени од мојата докторска дисертација (С. Ахмети, Интердисциплинарни методолошки пристапи во историјата на уметноста: современата уметност и антропологијата, докторска дисертација, Скопје: 2016).
Ќе повторам – не дека не можеле да бидат и ваши ставови или дека не сте можеле Вие да ги искажете, но не сте го сториле тоа. Напротив, Вие бевте дел од комисиите кои одлучуваа или барем советуваа (за ова ќе треба да се искажат други инстанци) за делата, односно не-делата кои денес претставуваат дел од проектот „Скопје 2014“. За волја на вистината, станува збор за комисиите кои одлучуваа за сликарскиот дел од проектот – за темите, за авторите и сл. Најпосле, од таквата ваша дејност произлезе и монографијата Слики со историска тематика во Музејот на македонската борба (Владимир Величковски, Слики со историска тематика во Музејот на македонската борба, Скопје: НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим, 2014). За вашиот удел и дали воопшто го има во делот што се однесува на „градбите“ и на скулптурите не можам да зборувам бидејќи немам такви податоци.
Во смисла на плагијаторството од Ваша страна, кон кое посочувам во овој текст, она што имам да го кажам е следново: зборот што неретко го користевте при нашите дискусии беше зборот „усул“. Контекстот во кој најчесто го употребувавме означуваше мерка, односно, во поколоквијална смисла кажано – немањето мерка, усул. Сепак, во македонскиот јазик зборот „усул“ го има и значењето кое го карактеризира начинот на кој го претставувате „вашиот“ текст како свој: на лесен начин, умешно, вешто. Но, едно се зборовите, друго е истите да се применат во пракса. Вие во праксата не покажавте доблест, да бидеме попрецизни. Прашањето кое се наметнува, секако во релација со новонастаната политичка состојба, изразена со промената на владеачката политичка гарнитура, е: зошто токму сега објавувате текст со ваква содржина? Впрочем, Вие сте тој кој, кон крајот на 2014 година, се откажа од менторството над погоре спомнатата докторска дисертација. Причините за таквиот чин се разнородни и бројни (и во оваа пригода ќе ги оставам настрана), но една од главните е токму немањето храброст да се застане зад труд кој претставува негирање и револт насочен кон проектот „Скопје 2014“.
Но, дури и да се најде оправдување за таквиот чин, не може да се најде оправдување за начинот на кој тоа го правите. Колку што е регуларно да се согласувате со ставовите искажани од моја страна (или од чија било друга), толку е нерегуларно истите ставови да ги пренесете како свои без да го посочите изворот. Впрочем, тоа е една од основните лекции кои ги пренесовте на бројни генерации. Проблемот настанува кога ќе заборавите и кога ќе ги занемарите токму тие основни лекции. Тогаш се здобиваме со поинаков вид лекции, за тоа како не треба и како не смее. Тогаш добиваме текстови како вашиот, кој претставува најобична парафраза на делови од мојот труд, кој секако го имавте на увид.
Во продолжение приложувам еден помал сегмент од заклучната расправа во кој, во помала или поголема мерка, се содржани сите елементи изложени во текстот на Владимир Величковски. Воедно, нагласувам дека подолу наведените содржини се во повеќе детали разработени во самиот труд.
„Што се однесува до градбите што го сочинуваат проектот ‘Скопје 2014’, основната замисла подразбира употреба на (навидум) лесно препознатливи елементи кои се сметаат за ‘класични’ и се поврзани со античка Грција или Рим. Застапени се бројни елементи кои ја одредуваат класичната архитектура: од варијанти на коринтски и јонски столбови, портици, колонети, пиластри, розети, декорирани корнизи, до куполи и ротонди во основата на градбите. Но, прашањето што се наметнува е: дали овие архитектонски елементи се доволни за одредена градба да биде наречена ‘класична’? Врз примерот на средишната улога на плоштадот во ‘класичната’ архитектура мора да се истакне улогата на централниот градски плоштад, но и централноста на урбаното јадро на главниот град на државата. Тоа е, всушност, главната и носечката точка на целиот проект ‘Скопје 2014’. Меѓутоа, тоа е и точката од која произлегуваат сите недоследности и на која се надоврзуваат главните причини заради кои овој проект не е во состојба да ја одбрани својата формално-стилска определба. Двоумења, нерешителност, калкулантство и компромиси од секаков вид, заедно со одлуки донесени преку ноќ, бројни измени на детални урбанистички плланови, пренамени на веќе доделени градежни маркици се во основата на речиси сите градби од проектот ‘Скопје 2014’. Токму таквиот однос на насилно имплементирање, по секоја цена, на одредена идеја за која градбите, очигледно, се од минорно значење и претставуваат едноставно политичко средство е еден од клучните аргументи кон тезата дека на градбите што го сочинуваат проектот ‘Скопје 2014’ им е однапред одземена секоја друга вредност – естетска, ликовна, формална – зад нивната строго политичка намена. Бројни се примерите на непочитување на освновните параметри што го одредуваат враќањето кон класичните модели, а пред сѐ, за сметка на фронталната фасада на градбите во најголема мерка е занемарен односот и пропорциите на деловите меѓусебно. Меѓутоа, ниту една фасада сама за себе, ниту пак во комбинација со современите материјали и облици не понуди никаков исчекор, ништо ново вон веќе постоечкото. Бледото копирање на готови шаблони е надополнето со изместената поставеност на одредени архитектонски и скулпторални целини.
Слична е состојбата и со споменичната пластика, чија поставеност е повеќе резултат на случајност одошто на обмислена замисла. Освен што на мала површина се поставени преголем број споменични обележја, голем дел од нив се позиционирани во непосредна близина (понекогаш на растојание помало од еден метар) до веќе постоечки споменици. Освен со близината, улогата и значењето на постарите спомен-обележја е негирано и со енормните димензии на новопоставените споменици. Ваквата состојба се повторува на повеќе локации во центарот на градот. Оттука може да се утврди дека, всушност, ниту еден класичен ‘канон’ за убавината или формата во случајот на ‘Скопје 2014’ не е испочитуван. На пример, не се почитувани определбите за почитувањето на општите архитектонски принципи и за прилагодување кон состојбата на терен, ниту пак е почитувано постојното културно и историско наследство. Никаде не е водено сметка за инсистирањето дека убавината произлегува од хармонијата помеѓу сите посебни делови, како и во однос на целината – дури и најситниот елемент треба да произлегува од истите заеднички принципи, односно дека мора да се има смисла за соодветност. Просторната реторика на широките плоштади или на парковските целини преку натрупување на наративни елементи (бројни споменици) е сведена на неразбирливо бладање, дополнително истакнато со преместување на скпоменици и дислоцирање на градби. Не е остварено ниту ново, поинакво видување на градбите или на скулптурите или на нивните целини, кое би дало елементи за било каков исчекор од постоечките норми. Напротив, дадена е можност да се набројуваат во недоглед негативните аспекти на целиот проект, при што се надоврзувам и на прашањето за кичот. Клучен проблем претставува ‘антиквизацијата’ како стилска определба на проектот ‘Скопје 2014’ [содржана во флоскулата: „Фасадата на објектот да биде испроектирана во стил на: барок, класицизам, неокласицизам, романтизам и неоромантизам.“]:
• Пред сѐ, однапред одредената фиксна определба на стиловите е во спротивност со самата уметничка креативност и израз, иако вакви приоди не се непознати низ историјата.
• Понатаму, на овој начин се нарушува, односно директно се влијае врз фрагментарноста и континуираното повеќеслојно градење на градското јадро, како една од неговите основни карактеристики и квалитети.
• Најпосле, она што е од суштинска важност за историјата на уметноста е неиздржаноста на една таква формулација која ги изедначува различните постоечки стилови, како и целосното занемарување на фактот дека повеќето од овие стилови се во судир едни со други.
Неспорен е фактот дека создавањето на изгледот, од било кој вид, како и севкупното ‘сценирање’ се во рамките на капсуларизирачкиот процес. Овој процес се одвива одозгора надоле и е под целосна контрола на политичките проекции, особено на владеачката политичка опција. Сите останати стручни и професионални лица се насочувани и контролирани од врвот. Добро осмислените средства за ‘капсуларизација’ и реализацијата на проектот ‘Скопје 2014’ како резултат испровоцираа цела низа на жестоки ‘декапсуларизирачки’ активности. Имено, елементите на капсуларизацијата, сами по себе, не се во состојба да произведат или да обликуваат изглед. Но, во состојба се да произведат став и однос кон новосоздадената слика. Таквите елементи можат да бидат исклучително опасни за иднината на градот.“ (стр. 126-128)
Конечно, едно од клучните прашања, зошто мојата, всушност, како и поголемиот број докторски дисертации, не е објавен – пракса и должност на Универзитетот – е прашање на кое треба да одговори самиот Универзитет, како и Министерството за образование и наука. Да не се залажуваме, токму таквата состојба озовможува појава на вакви ситуации, во народот познати како китење со туѓо перје. Без усул.
Д-р Сафет Ахмети
Објавено во: Слободен печат, 5-6 август 2017, бр. 1131, стр. 14-15.