Аврамоска: Социјалната политика е заменета со милостина од Црвен крст

„Штотуку ме информираа соседите дека вчера додека бев на работа , кај мене дома дошле од Црвен крст и ми носеле некаков пакет.

Им благодарам на Црвен крст што се сетиле на мене и на моето дете, иако се прашувам од каде јас на нивниот список. Претпоставувам пред избори ги побарале сите самохрани родители, па така и јас сум се нашла на нивниот список.

Е, вака другари. Јас веќе 8 години се борам сама во животот. Кога почина мојот сопруг ќерка ми имаше три и пол години. Јас бев невработена. Да, тропав по сите врати, кои ми ги затвораа пред нос. Тогаш беа на власт ВМРО ДПМНЕ. Потоа се промени власта. Истото го правев и кај новата власт на СДСМ. Но и нивните врати ми беа пред нос затворени.

Но, никогаш не побарав помош. Секогаш барав работа. Не сум од оние кои бараат помош, ниту социјална, ниту од Црвен крст. Сметам дека само болен човек има потреба од помош . Здрав човек може да работи и да заработува.

Значи, уште еднаш благодарам што сте се сетиле на мене и на моето дете, но јас работам и заработувам леб за моето семејство, со моите две раце. Понекогаш ми се исечени, раскрвавени, понекогаш изгорени, но лебот што го јадеме со ќерка ми е многу сладок.

Сигурно има семејства на кои им е потребна помошта која сте ја намениле за мене, па еве јас од срце би ви препорачала да ја однесете таму каде што е потребна.

Лицемерие до бескрај.“