Опортунизмот и корупцијата како Политичка проституција

Аудио „бомбата“ како снимка која ја покажува врската помеѓу НГО секторот и врвот на СДСМ, воопшто не е изненадување. Она што е за внимание се реакциите после ваквата двочигледност, односно нивната драматичност која е многу индикативна; ваквите реакции не’ водат кон прашањето: кој и кого навистина поседува?

Реалноста е дека никој не поседува никого. Тоест, ниту СДС ги поседува активистите а ниту пак она е запоседната од нив. Во суштина, и СДС и активистите, заедно се поседувани од нго-капиталот, чиј најголем дел кај нас влегува од западни јабанчиски држави, и кој на овој начин делува политички коруптивно, а неретко предизвикува и морално, како и законски казниво корумпирано однесување (на поединци, па и цели организации водени од истите).

Следствено, треба да се забележи дека конфликтот, кој од сето ова се манифестира на површината, пред се е интерен конфликт, и како таков тој има два аспекта:

1.Интерен конфликт како лакташење за позиција; бидејќи долниот ешалон во социо-економските скалила на нго-индустријата е обичен прекаријат кој има доста несигурна социјална позиција, при што е лесно коруптивен и поткуплив.

2.Интерен конфликт како последен крик на старата НГО-елита, која се гуши во новата глобална и регионална гео-политичка реалност. Имено, аминот на нго-организациите даден на СДСМ за нивното „прекршувањето на договорот“ со некаква си „коалицијата За Македонија“ не беше акцидентален – каков што на пример се обидува да го окарактеризира оваа страна од конфликтот – односно немаше изолирани случаи на тоа да поединци од НГО елитата „преку ноќ“ добиваат позиција на „Владини шефови“. Напротив, ваквата појава беше еден општ и сеопфатен бран на НГО-ашка покорност кон политиките на власта предводена од СДСМ. Како што впрочем и подоцна бевме сведоци како НГО индустријата, заедно со уметничката „алтернатива“, си ја одиграа улогата по повод спроведувањето на шверцерските политики на Власта; а пак сега, еве сведоци сме и на нивната улога во премолчување и на нејзините рекетарско-криминогени и митаџиски практики.

Секако, најголемиот дел останаа во средината на сето ова – разочарани и издишани, а дел од нив и пригушени во замката на НГО-системот кој, граден сиве овие години на транзицијата, постојано прави дефокус во политичката практика на групите и поединците од ова идеолошки полимерно, множество на тн. „независни граѓански активисти“ и организации околу кои се гравитира. На овој дел од бунтовничката дружина погодно им беше спремана црната кампања против новите политички сили во пораст од типот на Политичката Партија Левица, како апетит за нивниот исконски хејт кон обичниот народ окарактеризиран како „небањат“.


Реџеп Исмаил (Хактан), член на Президиумот на Левица.