АктуелноЛокалноСтав

Двојните аршини на борците за човекови права

Статус на Виолета Аврамоска, член на ЦК на Левица.


„Дали сакам да колнам со сите клетви на овој свет? Да, сакам. Сакам да колнам за една татковина која со безумна војна ми ја уништија пред триесетина години. За татковината во која ја немавме независна Македонија, но, ја имавме повеќе од било кога, во која бевме Македонци повеќе од било кога, во која единствениот службен јазик беше оној кој сега не смееме ни да го изустиме, македонскиот.

Сакам да колнам – за периодот на транзицијата во кој се изврши криминалната приватизација на сите претпријатија од страна на црвената буржоазија. Оние фабрики кои ги градеа нашите родители, за нивните деца да работат во нив. Но, ние, останавме на улица без да бидеме свесни што ни се случува. Да колнам и да пцујам, за ,,ЕМО”, ,,ОТЕКС” , ,,Лихнида”, ,,Езерка” , ,,Братство”, ,,Охридска трговија”, ,,Застава” и сите други, во кои ние бевме сопственици на средствата за производство, а вие направивте од нас наемни работници, кои работната сила ја продаваат на пазарот како стока.

За здравството, во кое лекувањето стана привилегија на богатите . За секој изгубен човечки и детски живот поради финансиската немоќ на семејството. За образованието кое систематски се уништува. За мракот во кој живееме стуткани, преплашени, мислејќи се секој ден да не дојде нешто полошо. А, што е полошо од исклучена струја (поради неможноста да си ги платиш сметките), од ден без леб, од живот без иднина, од народ без име, без јазик, без историја…

И, минатата зима јас конечно видов искра во мракот, видов надеж во мојата безнадежност. Јас и многу други како мене, скоро 50 000 луѓе , ја видоа светлината. И, тргнавме по неа. Зборовите на Димитар, Реџеп, Борис, Бранко, Гораст, Јована и Сенада, станаа мојот глас, мојот крик против неправдата. И тргнав по искрата, по светлината за да се борам заедно со нив, но овој пат не за мене , туку за сите како мене, не за моето дете, туку за сите деца како моето, кое уште од своето раѓање , во оваа земја стануваат класно дискриминирани без можност за успех, поради сиромаштијата на своите родители. Деца, кои уште од своето раѓање го понесуваат бремето на сиромаштијата и судбината, како клетва, да ги напуштат родните огништа, заминувајќи во белиот свет.

,,Зошто ми го земаш она што не можеш да ми го дадеш?”, го прашал Диоген владетелот кој го покори светот, кога му го засенил сонцето. А, тој, владетелот, се тргнал на страна и останал зачуден и воодушевен од мудроста и храброста на мудрецот. Зошто вие сакате да ни го одземете она што ни е од Бога дадено? Нашата слобода , нашата слободна воља на сопствен избор. Зошто ни го одземете правото да се бориме за светлината и да го уништиме триесет годишниот мрак во кој живееме, преплашени со постојани закани со војни од ,,борците за човекови права”?

А, нашите човекови права? Зарем нашите деца немаат права? Право да живеат во топол дом , право да ги гледаат своите родители задоволни и среќни , право да бидат сити и пристојно облечени? Вчера бевме сведоци дека вашата правда има двојни аршини. Таква ли е вашата правда? За таква правда ли мислевте кога скандиравте ,,Нема правда , нема мир?” Колку ли се исплашивте во својата кукавичка немоќ, та сакате да ни го скршите духот, да ни ја откорните мислата, да ни го стивнете крикот, да го уништите звукот на чеканот и српот? Не, нема да ни ги стивните мислите.

Ние, безгласните, конечно го кренавме гласот. Сега сме посилни од било кога, зашто веќе не сме сами, не сме само стихијни борци поразени од својата немоќ. Сега сме здружени во една сила која секојдневно расте.Нема ниту со закани, ни со уцени да ни го откорните грлото. Вие, богатите олигарси, буржуите, сте малку, а ние сме многу.Вие се борите да си го заштитите својот капитал, додека децата ви живеат безгрижно и во раскош. Нашата борба е борба за опстанок во овој пеколен капиталистички систем. Ние се бориме да заработиме леб за нашите деца, да обезбедиме огрев за зимата, да успееме да ги подготвиме децата за во училиште, да им купиме топла и пристојна облека , учебници (иако тврдите дека се бесплатни, минатата година неколку моравме да ги купиме), да обезбедиме тетратки и друг училишен прибор, зашто како што тргнала работава уште малку и образованието ќе стане привилегија на богатите. За крај. Ако е ова демократија која упорно сакате да ја промовирате, јас би сакала да живеам во диктатурата на социјализмот, во која човекот беше човек.”