Бугарија бара од ЕУ да не го признае македонскиот јазик – за Османи не стигнал таков документ

Софија испратила Меморандум до земјите членки на ЕУ во кој тврди дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до 2 август 1944 година. Бугарскиот меморандум е испратен додека во ЕУ траат дискусиите за преговарачката рамка, за која што мора сите членки да постигнат единство, пред да почнат пристапните преговори со Македонија.

Во меморандумот, кое може да се толкува како вето за Македонија, Бугарија ги убедува земјите членки дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик не постоеле до 2 август 1944 и нивното создавање било со цел да се прекинат врските меѓу населението во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија.

Меморандумот испратен до членките на ЕУ

За македонскиот јазик, Бугарија во меморандумот вели дека е регионална норма на бугарскиот и бара од ЕУ во сите документи да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ или во крајна нужда, да стои „македонски јазик“ со фуснота „согласно Уставот на Република Северна Македонија“.

Во меморандумот Бугарија тврди и дека „во архивите има докази за егзекуција помеѓу 1944 и 1946 година на повеќе од 20.000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита во Социјалистичка Република Македонија. Повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, ден по објавувањето на бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на Европската унија, изјави дека поради тоа што државата е кандидат за членство не е дел од кореспонденцијата внатре во унијата и до нив официјално не е стигнат тој документ. Наша должност е, додаде тој, преку секојдневните комуникации да ги дознаеме информациите битни за државата, но нагласи дека нема да влегува во материјална расправа за меморандумот.