АктуелноЛокалноНастани

Чебрен мора да биде македонски – протест против продажбата на Чебрен

Здружението на инженери на Македонија за утре најави протест на кој, како што е соопштено, ќе го изразат своето незадоволство и спротивставување на одлуката за доделување на концесија за користење водата на Црна Река за производство на електрична енергија на грчката компанија „Архиродон“.

Според македонските инженери, Владата треба да ја преиспита и да ја повлече одлуката, која според нив, е штетна.

Тие бараат Владата да не склучува договор со која било странска или домашна компанија за доделување на концесија за користење водата на Црна Река за производство на електрична енергија и управување со водите.

– Чебрен мора да биде македонски и Македонија да биде нејзини инвеститор. ХЕЦ Тиквеш не смее да се подарува. Нашите води не се за продажба. Не смее да се дозволи узурпација на македонските природни богатства и нивно распродавање на домашни и странски компании. Реверзибилната хидроцентрала Чебрен е еден од најголемите и најважните енергетски проекти на државата и е од стратегиско значење за енергетската независност на Македонија. Таа со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW треба да овозможи Македонија да остане во поголем процент енергетски независна после 2028 година, кога поради зелената транзиција треба да престанат со работа РЕК Осломеј и РЕК Битола – велат инженерите во соопштението.

Манифестацијата на незадоволство ќе се одвива пред главните обележја на градовите – општините, а скопјани ќе се соберат кај Камениот Мост.

Како симбол на заштитата на македонските води, како национално богатство, на местата на собир, инженерите ќе остават шишиња со вода со пораки.