СДСМ и ДПМНЕ со народни пари ќе корумпираат телевизии преку државни кампањи

Власта и опозицијата, претставени преку СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието на Македонија се согласија да се даде виза за носење на законско решение со кое ќе може со народни пари, од буџетот на државата, да се финансираат државни кампањи преку телевизиите, за што многупати досега од новинарскиот еснаф беше испратен абер дека тоа не е ништо друго, туку поткупување на медиумите за уредничка наклонетост кон власта. Единствената партија која се бореше против легалниот „поткуп“ на телевизиите беше Левица, која го блокираше законот пред околу една годниа, по што, широката коалиција го протурка вчера, со европско знаменце.

Државни кампањи во минатото се емитуваа на телевизиите од типот на „трето дете“, „ден на дрвото“, „против абортусот“, најголем дел од парите беа одвојувани за „наклонетите“ национални телевизии, а по смената на власта имаше најави дека такво финансирање на државни камањи нема да има. Досега…

Во Собранието на Македонија на пленарната седница пратениците гласаа за потребата да се донесат измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка и тоа со европско знаменце. Сите присутни пратеници гласаа за, а само двајцата пратеници од Левица беа против. Ваквото сложно гласање е всушност добра најава дека „евроските“ измени во втората собраниска фаза лесно ќе поминат и ќе бидат донесени.

„Законот за поткуп на медиуми, така ќе го наречам, е поднесен вчера, за што добивме СМС пораки. А Левица на 9 октомври поднесе закон во интерес на дијабетичарите, за да добијат најсоодветен медицински третман и тој наш законски проект чека толку време, како да е небитен, иако деловникот вели дека треба во рок од три работни дена од приемот да биде доставен до ратениците. А овој закон за поткуп на телевизиите се доставува ден за ден, со согласност на лажната опозиција зашто на сите тие партии им е битен поткупот за пласман во медиумите“, рече пратеникот од Левица, Борислав Крмов, што наиде на бучно негодување од поголемиот дел од пратениците.

За кампањите преку националните телевизии (кои се гледаат на целата територија на Македонија) се предвидува да се трошат 0,1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на државниот буџет, додека за кампањите на локално ниво станува збор за  0,5% од даночните приходи на општините и Град Скопје.

По промената на власта, односно откако СДСМ формираше Влада, пред 6 години беше укинато владиното рекалмирање, а тогашниот премиер Зоран Заев истакна дека со државни пари власта на Никола Груевски ги корумпирала медиумите и обезбедувала влијание врз гласачкото тело преку телевизиите како највлијателен медиум.

Главнината од парите кои владата на Греувски ги потроши во периодот од 8 години отидоа на сметките на Сител и Канал 5, а вкупниот износ кон сите телевизии изнесувал над 30 милиони евра, како што пресмета тогашната нова власт на СДСМ. 

За финансирањето на медиумите беше отворен и предмет од страна на Специјалното јавно обвинителство кој не беше ефкетуиран.