Подемот и падот на социјалистичкиот претседател Салвадор Аљенде

Септември 1970 година, во Чиле доаѓа на власт првиот социјалистички претседател Аљенде. Салвадор Аљенде (1908 – 1973), чилеански лекар, социјалист, политичар, 28 ми претседател на Чиле.

На претседателските избори во 1970 година, сенаторот Салвадор Аљенде освои мнозинство гласови на изборите. Тој беше марксистички лекар и член на Чилеанската социјалистичка партија, која ја предводеше коалицијата „Народно единство“ или „Унидад Популар“ на социјалистичките, комунистичките, радикалните и социјалдемократските партии, заедно со дисидентите од демохристијанското Народно Движење за Унитарна Акција и Независната Народна Акција.

Аљенде имаше двајца главни конкуренти на изборите – Радомиро Томиќ, претставувајќи ја актуелната демохристијанска партија, која водеше левичарска кампања со иста тема како и Аљенде, и десниот поранешен претседател Хорхе Алесандри. На крајот, Аљенде победи со 36% од гласовите, наспроти 35% на Алесандри и 28% на Томиќ.

Платформата на Аљенде „Народно единство“ вклучуваше национализација на интересите на САД во најголемите рудници за бакар во Чиле, унапредување на работничките права, продлабочување на чилеанските земјишни реформи, реорганизација на националната економија во комбиниран општествен и приватен сектор, надворешна политика на меѓународна солидарност, национална независност и нов институционален поредок т.н. „народна држава“. Веднаш по изборите, САД го изразија своето незадоволство и воведоа голем број економски санкции против Чиле.

Во првата година од мандатот на Аљенде, краткорочните економски резултати на експанзивната монетарна политика на министерот за економија Педро Вушковиќ беа недвосмислено поволни: 12% индустриски раст и 8,6% пораст на БДП, придружени со големи падови на инфлацијата (од 34,9% на 22,1%) и невработеноста (до 3,8%). Аљенде воведе мерки за замрзнување на цените, зголемување на платите и даночни реформи, кои имаа ефект на зголемување на потрошувачката и прераспределба на приходите.

Заедничките јавно-приватни проекти за јавни работи помогнаа во намалувањето на невработеноста. Голем дел од банкарскиот сектор беше национализиран. Многу претпријатија во индустријата за бакар, јаглен, железо, нитрат и челик беа експроприрани, национализирани или подложени на државна интервенција. Индустриското производство нагло се зголеми и невработеноста падна во текот на првата година на администрацијата.

За ова време ЦИА активно дејствува да го дестабилизира неговото владеење преку различни методи, а КГБ нуди финансиска помош на првиот демократски избран марксистички претседател. Сепак, причината за тајните активности на САД против Аљенде не се однесуваше на ширењето на марксизмот, туку стравот од губење контрола над нивните инвестиции. До 1968 година, 20% од вкупните американски странски инвестиции беа насочени во Латинска Америка.

Рударските компании од САД инвестираа 1 милијарда долари во текот на претходните педесет години во чилеанската рударска индустрија – најголема во светот – а за возврат испумпаа од таму само 7,2 милијарди долари.

Дел од програмата на ЦИА вклучуваше пропагандна кампања која го прикажуваше Аљенде како диктатор. Всушност, извештаите на самите разузнавачки служби на САД покажале дека Аљенде не претставува закана за демократијата. Како и да е, администрацијата на Ричард Никсон организираше и вметнуваше тајни оперативци во Чиле, со цел брзо да ја дестабилизираат администрацијата на Аљенде. Покрај тоа, Никсон дал упатства да се уништи чилеанската економија, а меѓународните финансиски институции да го ограничат кредитирањето на Чиле. Истовремено, ЦИА финансирала опозициски медиуми, политичари и организации, помагајќи да се забрза кампањата за домашна дестабилизација.

До 1972 година, економскиот напредок од првата година на Аљенде беше обратен, а економијата беше во криза. Политичката поларизација се зголемува, а големите мобилизации и на про и на антивладините групи станале чести, што честопати доведувало до судири.

До 1973 година, чилеанското општество станува многу поларизирано, меѓу силните противници и подеднакво силните поддржувачи на Салвадор Аљенде и неговата влада. Воените акции и движења, одделени од цивилната власт, почнуваат да дејствуваат на дело. На 22 август 1973 година, Комората на пратеници во Чиле тврди дека чилеанската демократија се распаднала и повикува на „пренасочување на владината активност“, за да се врати уставното владеење.

Помалку од еден месец подоцна, на 11 септември 1973 година, чилеанската војска помогната од циашките елементи и домашните колаборационисти со пуч го симнува Аљенде, кој се застрелува во главата за да избегне заробување, бидејќи Претседателската палата е опколена и бомбардирана. Наместо да го врати авторитетот на цивилниот законодавен дом, генералот Августо Пиноче ја искористува својата улога како командант на армијата за да ја преземе целосната моќ и да се утврди на чело на воената хунта која владее со Чиле се до 1990 година.

Така, со воен удар на хунтата, организиран од страна на американската администрација и домашните предавници, а за интересите на странските капиталистички компании кои во Чиле гледаа непресушен извор на долари, завршува мандатот на првиот слободно избран марксистички претседател Салвадор Аљенде.


Извор: Никола Петров